И официјално најавени реконструкциите на ГОБ „8 Септември” и на Охридскиот аеродром

Владата денеска и официјално го најави почетокот на реконструирањето на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември” и на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле”. Како што најави на прес-конференција, за двата објекта ќе се инвестираат вкупно 14,7 милиони евра. Реконструкцијата на болницата треба да биде заокружена до октомври годинава, а на Охридскиот аеродром до март 2026-та.

Како што соопшти Владата, од планираните средства, 12 милиони евра се за ГОБ „8 Септември“, а 2,7 милиони за „Св. Апостол Павле“.

Според министерот за транспорт Александар Николоски, со реконструкцијата на аеродромот ќе се обезбедат многу подобри, модерни услови и ќе се зголеми бројот на патниците, додека болницата, освен што ќе добие најсовремени услови за работа, ќе овозможи и врвен квалитет на здравстевните услуги за граѓаните.

На прашање кога ќе се овозможи повторно железнички транспорт до Солун по дефект на пругата кај Поликастро, Николоски рече дека согласно одговорот од грчките власти тоа ќе биде за две недели о

-Во ГОБ „8 Септември“ ќе биде опфатен оперативниот блок со површина од 2 000 метри квадратни и седум хируршки сали, две за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една сала за уво, нос и грло, една за очна хирургија и една за роботска хирургија. Сите сали ќе имаат најнова опрема, хируршки маси у машини за анестезија, медицински компјутери, дефибрилатори и друг инвентар. Реконструкцијата опфаќа и биохемиска лабораторија со целосно автоматизирана опрема, микробиолошка лабораторија, како и лабораторија за патологија со воведување фармако-генетски анализи според најнови светски стандарди кои овозможуваат таргетирана и перонализирана терапија на онколошки пациенти. Интензивната нега ќе биде на површина од 500 метри квадратни со седум целосно опремени боксови за пациенти со централно мониторирање. Сменета ќе биде и кровната конструкција на болницата која беше нотирана како еден од поголемите проблеми, ќе се воспостави ефикасен систем за греење и ладење, а ќе се реконструираат и лифтовите, истакна Николоски.

Според него, Охридскиот аеродром ќе добие нова административна зграда од 250 метри квадратни, а реновирани ќе бидат и останатите сегменти. Ќе се адаптира и опреми и просторот на постојната терминална зграда.

-Новиот канцелариски простор ќе биде на 120 метри квадратни, ќе има и помошни простории на 130 метри квадратни, како и нов наменски простор за обезбедување  од 40 метри квадратни. Предвиден е и целосно нов сообраќаен режим на новиот паркинг, рече Николоски, напоменувајќи дека ова ќе значи прво реконструирање на терминалната зграда на аеродромот откако е изграден.

Осврнувајќи се на реконструкцијата на  ГОБ „8 Септември”, министерот за здравство Арбен Таравари нагласи дека ова е уште еден показател на владините заложби за подобрување на условите во здравствениот сектор.

Премиерот Христијан Мицкоски во кусото обраќање подвлече дека грижата на една влада за своите граѓани се гледа во капацитетите што ќе ги изгради и ресурсите што ќе ги стави на располагање.

-Сакаме да го одбележиме и најавиме почетокот на реконструкцијата на овие два витални капацитета. Здравството беше една од најзапоставените области каде континуираната негрижа од минатата влада доведе до распаѓање и на така дотраените болници и капацитети. Тука морам да оддадам почит на голем дел од посветениот здравствен кадар, кој и во едни такви услови продолжи да работи посветено и во едни супстандардни услови го дава својот максимум. Ова се крупни инвестиции и зафати за објекти кои се од суштинско значење за нашата држава. Посветено продолжуваме да решаваме проблеми, да создаваме додадена вредност и да се бориме за подобар живот на граѓаните, рече Мицкоски.

 

Back to top button
Close