И Османи како Арсовска: Во Чаир се гради без дозвола и план

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска го претстави третиот клучен механизам од својата програма за борба против урбаниот хаос и нелегалното градење – системот „Градежна стража“. Механизмот, како што рече, има цел да стави крај на бесправното градење, урбаниот хаос и политичката заштита на нелегалните објекти.
„Во Чаир одамна е изгубено чувството за ред и поредок во градењето. Се гради без дозвола и без план, и тоа директно поддржано од општинските власти. Граѓаните гледаат како нивната општина се претвора во бетонска џунгла. Овој урбан хаос нема да продолжи“, порача Османи.
Во своето обраќање до јавноста, Османи истакна дека борбата со урбаниот криминал бара конкретни механизми, не само политички декларации.
„Градежниот криминал не се решава со изјави, туку со механизми на контрола и транспарентност. Овие алатки се мојот одговор – тие се системски, јавни и оперативни“, потенцираше тој.
Османи порача дека Чаир мора да го врати редот во урбанизмот ако сака да има квалитетен и безбеден животен простор:
„Ако сакаме Чаир да биде општина со ред, мора да ги ставиме под лупа бесправното градење, урбаната мафија и политичките покровители. Јас сум подготвен“, порача Османи.