И по 5 месеци уште се води предистрага дали 11 те велешки полицајци направиле пропусти во заштитата на Росица

Поминаа пет месеци откако Министерството за внатрешни работи пријави 11 полицајци од СВР Велес во Обвинителството надлежно за дела сторени од лица со полициски овластувања, со цел да се утврди дали направиле пропусти во постапувањето за заштита на Росица Коцева, објави „Сакам да кажам“ (СДК).

Таа со месеци го пријавувала за закани и насилство својот поранешен партнер Илија Стефановски, кој на 15 септември 2025 година ја уби во нејзиниот дом во Велес, откако претходно го уби и нејзиниот татко Киро, а потоа изврши самоубиство. Од Специјализираното одделение на Обвинителството велат за СДК дека предметот е во фаза на предистражна постапка.

Досега биле сослушани сите полицајци и други луѓе во својство на сведоци, а се преземаат и дополнителни дејствија за прибирање докази.

 

Според информациите, на денот на убиството Стефановски ги прекршил двете активни мерки на претпазливост изречени од судот. Едната била забрана да го напушта живеалиштето, односно градот Скопје, но и покрај тоа заминал за Велес. Воедно ја прекршил и забраната за приближување и воспоставување контакт со Росица и со уште еден човек. Тој ја чекал во домот на нејзиниот татко и ја убил со шест убоди од нож.

Покрај овие мерки, по барање на Центарот за социјални работи Велес, Основниот суд во Велес му изрекол и дополнителни забрани – да не се заканува, да не ја вознемирува и да не се приближува на помалку од 100 метри до жртвата. Мерките биле изречени на 26 јуни 2025 и важеле шест месеци, што значи дека биле на сила во моментот на двојното убиство.

Продолжил да ѝ праќа слики и пораки

Коцева уште на 21 мај 2025 година поднела пријава во Основното јавно обвинителство во Велес за неизвршување на судска одлука бидејќи Стефановски продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии и да се обидува да воспостави контакт.

На 18 мај Стефановски се приближил до домот на Коцева, го одзел автомобилот на нејзиниот татко и подоцна го запалил на друга локација. По пријавата, обвинителството издало наредби за прибирање докази од телефонска комуникација и видеонадзор, но случајот не бил целосно расчистен до денот на убиството.

 

Го пријавила седумпати во една година

Во текот на 2025 година Коцева седумпати го пријавила за вознемирување и закани, а меѓу инцидентите имало и графити со заканувачка порака со нејзиното име, како и оставање УСБ со фотографии и експлицитни снимки од нив двајцата на влез од продавница.

Во меѓувреме, бројот на пријави за семејно насилство во велешкиот регион е во пораст. Според податоците, судовите изрекле осум ефективни затворски казни, 21 условна казна и во три случаи сторителите биле испратени на психијатриско лекување. Минатата година полицијата регистрирала и еден смртен случај како последица на семејно насилство, токму убиството на Росица Коцева, како и уште еден случај со тешка телесна повреда.

 

Back to top button
Close