И по прогласување за безбедносна зона, пред Собранието ќе може да се протестира, вели пратеникот Бојан Стојановски
Со прогласување на просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона нема да биде ускратено правото на протест пред законодавниот дом. Ова денеска го појасни пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, кој одговарајќи на новинарско прашање вели дека булеварите и улиците околу парламентот не се опфатени со предлог-законот за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона, кој од кое од вчера е во собраниска процедура.
Стојановски изјави дека има примери во Европа каде што просторот околу парламентите е ограничен за собири, но тоа, како што децидно кажа, кај нас нема да се случи
Според пратеникот, со безбедносната зона се опфатени само дворот на Собранието, главниот и споредните влезови, пријавниците и сите објекти кои на некаков начин циркулираат во дворот на македонскиот парламент.
„Од оние координати коишто се добиено од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Општина Центар воопшто не се опфатени булеварите или улиците околу Собранието. Стриктно само дворот на Собранието, односно влезовите, главниот влез и споредните влезови, пријавниците итн. и сите објекти коишто на некаков начин циркулираат во дворот на Собранието. Со овој закон само се дава само категоризација на безбедност на овој објект, како што тоа е направено во Австрија, во Германија, Романија и Унгарија. И она што е важно, не се ограничува ниту едно уставно и граѓанско право на протест, но само се категоризира просторот околу Собранието, односно најблискиот двор“, изјави Стојановски пред состанокот со дел од синдикатите.
Прашан за причините за носењето на законот, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ нив ги лоцира во тоа што досега овој објект не бил категоризиран од аспект на безбедност, а во него покрај највисоките претставниците на власта во земјава, доаѓаат и високи странски делегации.
„Кога ќе доаѓала претходница на нивните (странските) делегации се чудеа како може еден ваков репрезентативен објект да не биде категоризиран од безбедносен аспект“, вели пратеникот.
Навраќајќи се на прашањето за евентуална забрана за протести пред Собранието, Стојановски изјави дека има примери во Европа каде што просторот околу парламентите е ограничен за собири, но тоа, како што децидно кажа, кај нас нема да се случи.
„Значи само стриктно дворот околу Собранието, околу главниот и споредните влезови и ништо друго“, повтори тој.
Предлог-законот со кој просторот околу Собранието на Република Северна Македонија ќе се прогласи за безбедносна зона вчера беше доставен во законодавниот дом и веќе е ставен на дневен ред на 51. седница на Собранието што се одржува денеска.
Законот ќе се носи по скратен постапка, а за негово донесување е постигнат консензус од сите пратенички групи во Собранието, и до власта и од опозицијата.
Со предлог-законот за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона се уредува статусот, вкупната површина, границите на земјиштето, употребата, обезбедувањето, како и надзорот и уредувањето на имотно-правните прашања поврзани со просторот околу зградата на законодавниот дом.
Дополнителна причина за носењето на ваков закон е што една парцела во непосредна близина на Собранието пред 12 години стана сопственост, односно беше купена од компанијата „Анго“, која на неа требаше да гради катна гаража. По години никаква активност на терен од страна на компанијата, изградбата на катната гаража се актуализира во втората половина на минатата година.
Предлог-законот има вкупно 12 члена, од кои првиот се однесува на прогласувањето на просторот околу Собранието за безбедносна зона.
Членот 2 вели дека „безбедносната зона од членот 1 од овој закон претставува јавен интерес од значење за државата“, додека во членот 3 е дефинирано што претставува безбедносна зона.
Според ставот 1 од членот 4, границата на безбедносната зона ги опфаќа во целост Катастарската парцела КП број 13474, КП бр. 13473/2, КП бр. 13473/1, КП бр. 13473/4 и дел од КП бр. 12056/1, сите во
КО Центар 1, и зафаќа површина од 1,55 хектари или 15 546.0474 квадратни метри.
Висината на безбедносната зона во вертикала е предвидено да изнесува 100 метри.
„Во безбедносната зона, според членот 8 од предлог-законот, се забрануваат:
- 1. градежни активности;
- 2. поставување на линиска и инсталациска инфраструктура;
- 3. одржување на јавни собири, протести или манифестации;
- 4. летање со дронови и други типови на беспилотни воздушни летала во воздушниот простор над Собранието и безбедносната зона и
- 5. вршење на други работи со кои се нарушува или оневозможува нормалното функционирање на Собранието и објектите што се наоѓаат во непосредна близина на Собранието, а се до границите на безбедносната зона.
Инаку, носењето на ова законско решение предвидува финансиски импликации, а една од нив е враќањето во владение на државата на катастарската парцела што е во сопственост на компанијата која требаше да гради катна гаража.
Доколку биде донесен, а потписите и од пратениците на власта и од нивните колеги од опозицијата навестуваат дека тоа ќе биде случај, предлог-законот налага укинување на одобренија за градење градби во безбедносната зона издадени до денот на влегување во сила на законот.
Според ставот 2 од членот 11, земјиштето што влегува во просторот прогласен за безбедносна зона, Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност го запишува како сопственост на Република Северна Македонија, со право на трајно користење на Собранието.
Извор: 360stepeni.mk