И понатаму над 60 отсто од Бугарите сметаат дека Северна Македонија треба да почне преговори со ЕУ

Во анкетата што денеска ја објави „Галуп интернешнл Балкан“, 60,8 отсто сметаат дека Македонија треба да ги почне преговорите за членството во ЕУ, но под услов да се спроведе Договорот за добрососедство

 

Мнозинството од Бугарите – 60,8 отсто сметаат дека Македонија треба да ги почне преговорите за членството во ЕУ, но под услов да се спроведе Договорот за добрососедство меѓу двете држави.

Сличен процент од граѓаните на Бугарија се изјаснија за членство на земјава во ЕУ и во анкетата што пред две недели ја објави Бугарската национална телевизија, а ја спроведе агенцијата „Алфа рисрич“. Тогаш 60,9 отсто од испитаниците се изјаснија за поддршка на земјава за влез во ЕУ, но прашањето беше поставено во малку поинаков формат: „Ако се остават настрана спорните прашања, каков е интересот на нашата земја за членство на С Македонија во ЕУ?“.

Во анкетата што денеска ја објави „Галуп интернешнл Балкан“, 60,8 отсто сметаат дека Македонија треба да ги почне преговорите за членството во ЕУ, но под услов да се спроведе Договорот за добрососедство. 15,3% од полнолетните Бугари сметаат дека нивната земја во никој случај не треба да ја поддржи Македонија да стане членка на ЕУ, а 7,6% одговориле дека Бугарија треба да ја поддржи Македонија за членство во Унијата без никакви услови. Преостанатите 16,3% не дале одговор, пренесуваат медиуми во Софија.

Позицијата по ова прашање е видно зацврстена во однос на крајот на 2020 година. Тогаш 6,1 отсто од Бугарите сметале дека земјата во никој случај не треба да ја поддржува Северна Македонија за членство во ЕУ. 51,1 процент одговориле дека Бугарија треба да ја поддржи Македонија да стане членка на ЕУ, но само по исполнување на условите од Договорот меѓу двете земји, а осум отсто од испитаниците сметале дека треба да ја поддржат Македонија за членство во ЕУ без никакви услови. Уделот на оние што не сакале да дадат одговор бил двојно поголем (34,8 проценти). Излегува дека сега, повеќе од една година подоцна, колебливите всушност зазеле цврст став.

Анкетата е изработена во периодот од 6 до 14 јануари, па останува да се види дали последните средби меѓу премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, во Скопје и во Софија ќе влијаат на расположението кај бугарските граѓани.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close