И рочиштето на Штекли одложено, добил еден вид епилептичен напад во судницата
Рочиштето за случајот „Штекли“, во кој повеќе обвинети се товарат за организирана трговија со дрога, денеска беше прекинато и одложено за 9 октомври, откако првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли пред почетокот на расправата доби напад налик на епилептичен и падна во судницата.
Екипата на Брза помош изврши лекарски преглед, при што обвинетиот бил контактибилен, но изјавил дека „не знае каде се наоѓа“. Лекарката нагласи дека тој одбил да ја прими понудената терапија, бидејќи претходно во затвор примал друг вид на лекови, а одбил и да потпише изјава за тоа.
Адвокатот Сашко Дуковски пред Судот потенцираше дека не може напад кај лице со потврдена епилепсија да се смета како нарушување на редот. „Обвинетиот вчера беше прегледан од психијатар и доби терапија поради суицидални идеи. Ако денеска не ја примил, ваков напад е очекуван исход,“ изјави Дуковски. Тој додаде дека одбраната нема никаков интерес да го одолговлекува процесот и дека по вакви услови не може да се продолжи со испрашување и вкрстени прашања.
Судијата Илија Трпков објасни дека приоритет на Судот е процесот да биде ефикасен и правичен, но и здравјето на обвинетите да биде заштитено. „Во предметот има повеќе обвинети, не само Раде. Но, имајќи предвид дека веќе е крај на денот и има уште многу прашања, главната расправа се одложува за 9 октомври. Секој обид за одолговлекување ќе биде санкциониран,“ изјави судијата.