И родителите на Васил под лупа на Обинителството

Постапката што се води против Васил Јованов кој на пешачки премин ја усмрти Фросина Кулакова, е проширена и со постапка за испитување на влијанието и дејствата на неговите родители. Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, вели дека се издадени наредби да се испита како му е овозможено на В.Ј. да има средство кое може да се толкува како општо опасно за предизвикување на несреќата.

„Васил очигледно располага со некое возило (…) Проширена е постапката и кон родителите и дадени се соодветни наредби и до Министерството за внатрешни работи, односно до Секторот за внатрешни работи Скопје – да ги испитаат овие околности во однос на тоа кој му давал средства за бензин на возилото, од кога е возилото, кога го употребувал, кога е купено… Значи сето тоа ќе биде предмет на анализа. И евентуално, ако може да се стават тие дејства во насока дека му се става општо опасно средство со кое е извршено кривичното дело, тоа би подлегнало на некаква одговорност“, изјави Бубевски на ТВ Телма.

Според Бубевски, таа постапка може да оди и во друга насока, бидејќи во моментов не се знае кои други факти би можеле да произлезат од испитувањето на околностите како тоа возило дошло во рацете на обвинетиот.

Кој му овозоможувал?

Во овој контекст беа и најбројните реакции во јавноста, со оглед дека В.Ј. и во февруари 2023 година предизвикал сообраќајна незгода, во која едно лице се здобило со полесни повреди. Како што соопшти ОЈО Скопје, тогаш јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење согласно чл.43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ.

За среќа, тогашната сообраќајна незгода била без смртен исход, но остана прашањето: дали фактот што и тогаш В.Ј. го управувал возилото без возачка дозвола – требало да биде причина да се постапи за истите прашања – кој му дал возило на располагање, кој му давал средства за бензин и кој на таков начин му овозможил средство како општо опасно за предизвикување на незгодата.

Истите прашања се однесуваа и во однос на неправосилната воспитна мерка за Јованов изречена од судот, по кривичната пријава за член 215 од Кривичниот законик – производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори. И таму е изоставено прашањето за улогата на родителите  – од занемарување, до тоа кој му давал средства за набавка на дроги и чиј бил станот во кој се одвивале дејства поврзани со нивен промет.

Расветлувањето на причинско-последичната поврзаност на евентуалните дејства на родителите (чинење или нечинење) во контекст на делата извршени од нивниот син, беше во епицентарот на прашањата и реакциите на јавноста, но и на семејството на жртвата.

Но, дали таков каузалитет има и за тезата дека сообраќајната несреќа немала да се случи ако возачот добиел затворска казна, а не воспитна мерка. Според професорот Гордан Калајџиев, таа теза е неточна.

„Тезата дека сообраќајката немала да се случи ако возачот добил затворска казна е неточна и лаичка! Тој сѐ уште не е правосилно осуден и се чека одлука од Апелација. Тоа значи дека и да добиел затвор ништо немало да се промени“, напиша тој на социјалните мрежи.

Со тоа што поминал на црвено светло, возел под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената, В.Ј. практично си ја испишал правната квалификација за кривичното дело – дека е сторено со умисла.

„Значи стигнуваш на пешачки премин, каде што е црвено, и тука веќе се согласуваш со последицата што може да настане. И тука нема место за друга правна квалификација во однос на тој дел“, рече обвинителот Бубевски.

Обвинителството во моментот ги прибира доказите за овој случај, како видеоматеријали, а било контактирано и вешто лице, кое има сопствен лиценциран софтвер кој ќе ја утврди брзината на движење на возилото.

За делото за кое се товари В.Ј. максималната казна е 20 години затвор. Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, го соопшти нивното барање.

„Бараме казна доживотен затвор“, изјави тој на ТВ Сител.

Најави и нови протести со кои ќе се реагира против неказнивоста.

„Протести ќе има, и уште поголеми ќе бидат. Ќе ги организираме од цела Македонија, ќе се организираме и пред сите институции од сабајле до вечер ќе им стоиме”, најави Кулаков.

Веќе е најавен протестен марш кој ќе се одржи в сабота во Неготино, под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“. Како што е наведено во известувањето, другарките на Фросина Кулакова организираат бесплатен автобуски превоз од Скопје до Неготино. (dw)

Back to top button
Close