И Села е за парламентарни избори, но за една година
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, е за да се одржат предвремени парламентарни избори, но не брзи како што побара вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, туку за една година.
Според ставот кој го изнесе Села во вечерашното гостување во емисијата „Патот кон“ на Алсат ТВ, Алијанса поддржува да се формира нова влада од сегашните опозициски партии, но таа да биде изгласана од ново мнозинство во актуелниот парламентарен состав. Потоа, таа влада да организира избори за една година отсега.
„Она што вчера го кажа Мицкоски е за политички потреби на ВМРО-ДПМНЕ, како тие ги гледаат политичките случувања. Нашата определба е следнава и таа има повеќе врска со слободата на луѓето: Предвремени парламентарни избори – да, но на ова мора да му претходи привремена влада, ново мнозинство кое во рок од една година ќе организира предвремени избори, со одземање на власта од рацете на ДУИ за да организира избори“,
рече Села на Алсат ТВ.
Мицкоски, пак, вчера побара предвремени избори бидејќи, според него, по резултатот од локалните избори Владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат кредибилитетот меѓу народот. Тој рече дека изборите треба да бидат брзи бидејќи треба да се формира влада која ќе има легитимитет да се справува со предизвиците пред нас, како новиот ковид-бран, енергетската криза, падот на економијата …
„Најдобро решение е без одлагање, брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат стабилна влада и вадење на Македонија од кризата. Брзи избори за кои нема да има алтернатива затоа што потребна е стабилна влада“,
рече Мицкоски потенцирајќи дека законските одредби мора да се почитуваат, а тоа би значело и формирање техничка влада со технички министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ и тројца технички заменици-министри.
Опцијата за формирање ново парламентарно мнозинство и влада, кажа тој, нема да ја даде потребната енергија.
„Нема да даде ни нова енергија потребна за реформите. Тоа само ќе нè внесе во нови разговори, преговори и слично кои ќе го разводнат капацитетот за управување со институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја отсликува волјата на народот“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конференција.
Додека опозицијата бара избори, владејачките партии испраќаат пораки дека нови извори не се потребни и уверуваат дека мнозинството е стабилно. По најавената оставка на Зоран Заев од премиерската функција и претседателската позиција во СДСМ, наредниот период треба да се постигне и договор меѓу коалициските партнери во актуелното мнозинство во Собранието за тоа кој ќе биде новиот мандатар што ќе формира влада.