И сестрата на Бесмира Ејупи „влечела“ пари од повеќе институции

Покрај Бесмира Ејупи, несудената конзулка во Њујорк, и нејзината сестра заработувала хонорарно во Државното правобранителство, покажуваат податоците на Отворени финансии, објави Телма.

За две години, Фатиме Ејупи во 14 наврати добила по околу 20 илјади денари по трансакција или вкупно заработила околу 4.200 евра до Државното правобранителство. Сестрата Бесмира, пак, која на затворена владина седница првин беше назначена за конзул во Њујорк, па потоа отповикана, од Правобранителството исто така заработила околу 4 илјади евра.

Сестрите Ејупи работеле за повеќе државни институции – Бесмира била ангажирана хонорарно и во општините Чаир, Сарај, Брвеница и Петровец, додека Фатиме Ејупи лани во декември добила илјада евра хонорар од Државната изборна комисија и уште околу 4 илјади денари од УЈП во повеќе ситни трансакции.

Во државното правобранителство, освен двете сестри, хонорари земала и ќерката на Андријана Сливоска, генералната секретарка на Државното правобранителство. Помладата Сливоска во 12 трансакции подигнала над 4.400 евра од институцијата која треба да се грижи и да ги штити државните интереси и парите на граѓаните, објави Телма.

Генералната секретарка Сливоска за телевизијата велид дека Фатиме Ејупи била ангажирана како помлад соработник за човечки ресурси, додека нејзината ќерка Катерина била за одржување контакти со правобранителства на други држави. Тие биле ангажирани хонорарно и законски, поради потреби на институцијата која немала финансиска согласност за вработување.

Back to top button
Close