И со синдикалниот лидер се претера
Никој не ги поднесува лидерите на синдикатите, каде и да се, од кога и да се. Да не се лажеме. Тоа ви се, најблаго речено, претставници на обичните паразити, работниците, таа црв од класа, од најдолниот вид, која внимавајте ви се молам, ужива да живее на грбот на газдите.
Прашувате- а како тоа се оптегнале на грбот на газдите, тие богови опеани и славени низ вековите. Затоа што тие синдикални лидери, мајчините тие непрокопсани, од како е светот и векот, се расфрлаат со барања за пари, што повеќе пари за тие легачи од работници, ноторни мрзливци и влекачи.
Добивале така тие лидери синдикални низ вековите гаранции и тапии, печати и потписи на договори за работниците, сеедно што мајчиното млеко го проплакувале газдите. Делеле овие кутри напатени души од газди од устата своја и на сите идни генерации додека не прогласи светот крај, но, боже мој, болка секој еднаш мора да има. И така, се откажувале од по некоја слика на Пикасо и од десеттата јахта, од некој цент од драгите милионерски, што ќе станат за некого и милијардерски сметки низ светот. Така низ историјата изгледала таа вечна борба на синдикалните лидери и работниците.
Сѐ додека не се појави на светската мапа и оваа мала, неугледна земја, со вечното име во срцето на бизнис и политичките газди- Македонија.
Некојси таму, незнаен и нечуен до вчера, синдикален лидер со вродена маана за барање некакви права на работниците, со име Слободан Трендафилов, објави дека не се предава и не отстапува од барањата за минимална плата. Грака и кокодака тој за некаков достоинствен живот на мизеријата која ги опишува животчињата на работниците, бре,бре, туф, туф.
Бара од политичарите да пробаат еден ден, не еден месец, туку само ден да живеат со сегашните платички на работниците, па потоа можеме, вели тој, да говориме за достоинство и човеково право на живот.
Среќа наша и на историјата која ќе ја запише пратеничката на ВМРО- ДПМНЕ, Дафина Стојановска, која храбро и бескомпромисно објави фотографија на лидеров Трендафилов како се расфрла со службена кола во приватни цели. Ако имаме уште поголема среќа, власта дури може да му имплантира и чип на Трендафилов, дури и на јавна сцена ако посака, за потоа сите заедно на телевизија да го следиме лидеров, за да докажеме дека станува збор за еден безвреден, пропаднат живот.
Ние сме среќни луѓе во оваа земја, ќе се согласите. Сѐ знаеме и без проблем дознаваме за сите оние што не се слуги и подлизурковци на власта, затоа и служи јавното черечење, тајното следење, прислушкувањето и малтретирањето. Груевски беше таткото на ваквиот терор, но среќата е уште поголема кога ќе констатираме дека учениците го надминаа големиот учител.
Затоа, работници од цела Македонија, разединетете се. Не вреди да барате живот во земја која сѐ прави да ви го одземе. Одете си од тука, со трчање, што побрзо, што поитно. Ние што ќе останеме ќе се бориме, а дали ќе добиеме нешто, дали ќе победиме? Секако, сѐ додека има лидери како Трендафилов, кои знаат дека нема цена борбата. Затоа што е срамно поинаку да се живее.







