И Украина ќе мора „да го смени името“

Беше тоа пред триесет години. Гледајќи ме како агонизирам за патиштата кои треба да ги изоди младата македонска држава и за судирот меѓу сопствените идеали и реалностите на светската политика, Роберт Фровик, претставникот на американскиот државен секретар Лоренс Иглбергер во Скопје, ми сугерира да ја прочитам „Историјата на пелопонеските војни“ од Тукидид. Во книгата напишана пред 2500 години, Тукидид заклучува дека во меѓународните односи силните го прават она што можат а слабите она што мораат. Од тука натаму, меѓународната политика како научна дисциплина ја учев паралелно со борбата за меѓународното признавање на државата за, потоа, да продолжам со академската кариера. Силно импресиониран од таткото на модерниот реализам, напишав и сопствена книга во годината која ја поминав во библиотеката на универзитетот во Принстон. И самиот не бев среќен со она што го разбрав за односот меѓу силните и слабите држави, па на предавањата знаев да им кажам на студентите дека ќе научат многу но и дека ќе бидат несреќни од законите кои владеат во меѓународните односи. Деновиве добив една лична сатисфакција кога двајца мои поранешни студенти од различни генерации, Гузимтар Рушани од Струга и Мишко Иванов од Скопје ми пратија одвоени пораки со идентични зборови: следејќи ја војната во Украина ми се враќаат flashbacks од вашите предавања. Всушност, тоа беа предавања на Тукидид во моја интерпретација.

Се разбира, напуштањето на идеализмот во корист на реализмот во македонската надворешна политика не беше популарно кај македонскиот народ и политичките партии. Имено, како мала држава која нема моќ, повикување на правото беше патот до популарноста. За некој како мене, тоа не беше опција. Јас веќе знаев дека во меѓународната политика might makes right. Правдата и она што е морално не смеат да бидат во конфликт со стратешкиот интерес на посилната држава. Денес, морално е и согласно меѓународното право Украина да ја избере својата иднина, како што Македонија имаше право на своето име. Така, Украина сака да биде дел од Европа а не од Русија, сака да биде членка на ЕУ и членка на НАТО.

Но, стратешкиот безбедносен интерес на Русија не го дозволува тоа, поништувајќи го правото и моралот со топови и ракети. Гледано од аспект на рускиот стратегиски интерес Украина треба да биде „тампон“ држава меѓу Русија и Западот. Западот, пак, ја поддржа Украина и нејзината политика за интеграција во Европа и така настана најопасната геополитичка криза по Втората светска војна. Американските реалисти заклучуваат дека токму тука се корените на кризата и сметаат дека на Западот лежи вината за конфликтот.

А правото на Украинците? Па, правото не важи во меѓународните односи, туку силата кога се стратегиските интереси на моќна држава во прашање. Од времето на Тукидид па до денес, големите сили не се обзираат на меѓународното право и на моралот кога се тие спротивни на нивните стратегиски интереси. Ужасно е тоа што се случува со Украина. Нашите срца се со Украинците и со нивното право да ја одберат сами својата иднина. За жал, тоа нема никаква врска со меѓународната политика. Значи, ако во деведесеттите не сме ја разбрале логиката на реализмот и нужноста слабите држави да работат на компромис со посилните, сега само таа може да ни помогне да избегнеме нуклеарна војна во која би се судриле Западот и Русија, исход кој е малку веројатен, но самата помисла е застрашувачка.

Па нели санкциите ќе ја поткопаат моќта на Русија и ќе го поттикнат рускиот народ на бунт против режимот на Путин? Модерните реалисти велат не. Национализмот има примат над економијата и можно е рускиот народ да се обедини околу Путин. Но, еве и да не биде така. Ако успеат санкциите на Западот и политичката волја на храбрите Украинци да му ја подријат моќта на Путин, што ќе стори тој притиснат до ѕид? Ќе се повлече од власта или ќе ескалира кон нуклеарна војна со која му се закани на светот? Оттаму и силниот интерес на Западот за менталната стабилност на Путин и дилемата дали ќе посегне по нуклеарна војна во која ќе страда човештвото и нема да има победници.

Украина ќе мора да ја избере компромисната варијанта и да го „смени името“. И на крајот, најважното прашање: дали Америка и Западот се спремни да влезат во нуклеарна војна со Русија. Ако, како што вели Тукидид, интересот е примарен во поведението на една држава, таков интерес за Украина, сепак ,нема. Помудро да размислувале украинските политичари и оние на Западот, ќе се избегнеше оваа трагедија. За трагедиите кои се избегнале, пак, никој, и онака, не знае.

Денко Малески

 

 

Back to top button
Close