И ветиле работа од дома, а земале брз кредит на нејзино име – уапсени две лица кои работеле во содејство со затвореник
Полицијата уапсила 65-годишен штипјанец и 46-годишна велешанка под сомнение за измама и злоупотреба на лични податоци, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Штипјанецот Д.К. и велешанката Т.К. биле уапсени по пријава од 47-годишна штипјанка.
Жената пријавила дека и била понудена работа преку интернет, за што испратила свои лични податоци. Подоцна податоците од жената биле злоупотребени и во нејзино име било аплицирано за брз кредит, а од страна на финансиско друштво на сметката на оштетената биле уплатени 40 000 денари.
Потоа, додаваат од МВР, друго лице и се јавило на жената телефонски и побарало да ги врати парите, тврдејќи дека наводно биле уплатени по грешка. По овој разговор жената се посомневала дека станува збор за измама и веднаш го пријавила случајот во полициска станица.
Полициски службеници веднаш презеле мерки за расчистување на случајот. На оштетената и биле дадени обележани банкноти за да му ги предаде на лицето кое ги побарало парите, а кое требало да дојде со такси возило на одредена локација во Велес.
Откако ги предала парите, полицијата ги уапсила Д.К., кој го управувал такси возилото, и Т.К., која била во возилото.
„Со нив е извршен службен разговор во СВР Велес. По добиена судска наредба, извршен е претрес во домот на Т.К., при што се пронајдени и одземени предмети кои потекнуваат од кривични дела“,
се вели во соопштението од МВР.
Од полицијата додаваат дека за време на службениот разговор со велешанката Т.К., било утврдено дека таа во содејство со лицето П.С., кое е на издржување затворска казна во Штип, сториле повеќе кривични дела на ист начин.
Затворските службеници извршиле претрес кај П.С. во штипскиот затвот и одзеле еден мобилен телефон.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци против лицата.