ИЈЗ: Фекални бактерии во мусаката и на три чешми во училиштето „Димо Хаџи Димов“
Во примерокот од мусаката што се служела во првата смена во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, утврдено е присуство на грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae. Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), истиот тип фекални бактерии биле детектирани и на три чешми во училиштето.

Од ИЈЗ информираат дека непосредно по денешната прес-конференција пристигнал нов лабораториски резултат кој ја потврдил контаминацијата во прехранбениот примерок. Дополнително, материјали и примероци за анализа продолжуваат да пристигнуваат, а бројот на досега земените е значителен.
На прес-конференцијата, ИЈЗ ги презентираше сите активности кои ги спроведуваат надлежните институции – Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје – Скопје и Детската клиника. Тие се во постојана координација додека трае анализата на земените примероци од храна, вода, работни површини и од вработените.
Проблемот излезе на видело на 26 ноември, кога голем број ученици од училиштето пријавија стомачни тегоби. Резултатите од дел од земените мостри се очекува да бидат соопштени во текот на денот






