ИЈЗ: Минатата недела зголемен бројот на заболени и хоспитализирани со Ковид-19
Министерството за здравство соопшти дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, кој се однесува на минатата недела (од 31 август до 6 септември) тестирани се вкупно 9.734 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е за 2,1 отсто помалку во однос на седмицата пред неа.
Минатата недела (од 31 август до 6 септември) се регистрирани вкупно 790 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, што е зголемување од 18,9 отсто во однос на седмицата пред неа. Најголем број од регистрираните случаи се од Скопје (n=221; 28 отсто). Во истиот период, во 17 града, бројот на новодијагностицирани е под 20.
Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 8,1 отсто, што претставува зголемување од 1,4 отсто во однос на претходната недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30 до 39 и над 60 години со 174 (22 отсто) и 172 (21,8 отсто) позитивни, соодветно. Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасната група од 40 до 49 години (n=134; 17 отсто), на возраст од 50 до 59 (n=129; 16,3 отсто) и на возраст од 20 до 29 (n=118; 14,9 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=22; 2,8 отсто) и на возраст од 10 до 19 години (n=40; 5,1 отсто).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=756; 95,7 отсто), регистрирани се 132 (16,7 отсто) хоспитализирани, што претставува зголемување од 85,9 отсто споредено со минатата недела, а кај 219 (29 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број нови случаи, 237 (31,3 отсто) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 29 лица со историја на патување (во последни 14 дена).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.052 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Пријавени се 20 смртни случаи од 13 градови, што претставува намалување од 42,9 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 16 лица биле над 60 години, по двајца на возраст од 50 до 59 години и на возраст од 40 до 49 години и едно лице на возраст од 30 до 39 години. Од починатите 15 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 17 починати лица, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за состојба со Ковид-19, 31/08 – 06/09/ 2020 како и кумулативната состојба со Ковид-19 се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk/