ИЈЗ: Продолжува трендот на помал број новозаразени и починати, зголемен број на оздравени од КОВИД-19

Трета недела по ред продолжува трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи благо зголемување на бројот на оздравени лица според податоците во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 3 до 9 август.

ИЈЗ информира дека во овој период се направени вкупно 9.543 тестирања (1,8 отсто помалку од периодот 27 јули до 2 август) и регистрирани се 816 позитивни случаи на КОВИД-19, што претставува намалување за 10,5 отсто споредено со претходната недела, соопшти Министерството за здравство.

Во периодот на известување повторно намалување има и во процентот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 8,6 отсто споредено со последните две недели кога 9,4 отсто односно 10 отсто од тестираните беа позитивни. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (31,4 отсто), во Штип (11,3 отсто) и во Гостивар (10,4 отсто). Во 16 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во однос на старосната структура на новозаболените и во овој период најголем процент се лица над 60 години – 25,9 отсто, а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30 до 39 години – 18,4 отсто. Во возрасната група од 40 до 49 години се 17,9 отсто од новозаболените, а во групата од 50 до 59 години – 17,2 отсто. Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години – 1,6 отсто и од 10 до 19 години четири отсто. Од случаите, кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 78 лица или 13,6 отсто од новозаболените, а кај 196 лица или 34,3 отсто е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени во овој период 34,8 отсто имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а осум лица (13 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.

Во периодот од 3 до 9 август се регистрирани 1.038 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е благо зголемување во споредба со претходниот период. Во периодот од 3 до 9 август, регистрирани се 25 смртни случаи, што е намалување од 13,8 отсто во однос на минатата недела, кога исто беше забележано намалување на бројот на смртни случаи. Најголем дел од случаите се лица на возраст над 60 години – 56 отсто.  Во болнички услови се починати 21 од случаите, а четири вон болнички. Кај 19 од смртните случаи (76 отсто) регистрирани се претходни коморбидитети.

Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за состојба со Ковид-19 во државава за периодот од 3 до 9 август, како и кумулативна состојба со болеста се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје.

Back to top button
Close