ИЈЗ: Зголемен бројот на заболени и починати од Ковид-19

Министерството за здравство соопшти дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 14 до 20 септември, тестирани се вкупно 9.661 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, и регистрирано е зголемување од 15,7 отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани се вкупно 951 позитивни случаи од 29 градови во државата што претставува зголемување од 34,9 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=261; 27,4 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кочани – 154,3 на 100.000 жители. Во истиот период, во 16 града, бројот на новодијагностицирани е под 20.

Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 9,8 отсто или 1,4 отсто повеќе во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=213, 22,4 отсто). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50 до 59 години (n=176; 18,5 отсто), од 30 до 39 (n=173; 18,2 отсто), од 40 до 49 (n=149; 15,7 отсто) и од 20 до 29 (n=147; 15,5 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=37; 3,9 отсто) и од 10 до 19 години (n=56; 5,9 отсто).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=907; 95,4 отсто), регистрирани се 80 (8,4 отсто) хоспитализирани (намалување од 37 отсто споредено со минатата недела), а кај 268 (28,2 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број нови случаи во периодот од 14 до 20 септември, 313 (32,9 отсто) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 33 лица со историја на патување во последни 14 дена.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 636 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Пријавени се 48 смртни случаи, 21 повеќе од минатата недела. Во однос на возраста, 32 лица биле над 60 години, осум на возраст од 50 до 59, четири на возраст од 40 до 49 години, три на возраст од 20 до 29 години и еден случај на возраст од 30 до 39 години. Од починатите 42 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 35 од починатите лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 во државава за периодот од 14 до 20 септември, како и кумулативна состојба се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk/

Back to top button
Close