Ибрахими од Алтернатива: Ни кажаа дека нема мнозинство во Собранието, каде исчезнаа пратениците?

Потребата од проширување на владината коалиција со Алијанса за Албанците била тема на средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерите на ДУИ и Алтернатива, Али Ахмети и Африм Гаши, потврди вечерва во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 секретарот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.

На средбата станало збор за тоа дека е можно да нема мнозинство во Собранието.

„Ние кога станавме дел од оваа Влада потпишавме договор за коалицирање и тој договор треба да се почитува. Нашите пратеници се стабилни и се дел од владиното мнозинство. Што се случи во меѓувреме? Каде исчезнаа пратениците? Тоа ние не го знаеме. За тоа нека размислуваат тие што изгубија пратеници“, рече Ибрахими.

Според него, мнозинството е стабилно и нема потреба од проширување на владината коалиција.

„Оваа работа не е работа што може да се реши вечерва. Не го ни поставивме прашањето дали да се зголеми мнозинството, бидејќи мнозинството е стабилно. Оние кои сакаат да го зголемат, нека кажат зошто. Во случај некоја партија да нема бројки, тогаш кажете ни. Ние имаме договор потпишан, сега значи дека тој договор не се почитува“,рече Ибрахими.

Тој истакна дека договорот за коалиција го потпишале со поранешниот премиер Зоран Заев, од кого побарале гаранции дека ќе биде испочитуван и од новиот премиер Димитар Ковачевски.

„Договорот за коалицирање го потпишавме со Заев, од кого побаравме гаранции дека ќе биде испочитуван и од новиот премиер Ковачевски. Ни беше ветено дека тоа што е договорено и потпишано ќе важи до наредните избори. Сега некој преговара за нашите позиции без да не информира. Не е политички коректно. Ние сè уште не ги добивме ресоритe што ги договоривме, сега ни велат да ги пуштиме и овие што ги имаме. Како да им веруваме на овие луѓе? На Алтернатива не и смета Алијанса за Албанците да влезе во Влада, нас ни смета кога некој не го почитува тоа што го договоривме“, изјави Ибрахими.

 

Back to top button
Close