ИЦЈ се прогласи за надлежен за тужбата на Иран против САД во врска со санкциите

Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ), највисокото судско тело на ОН, денеска се прогласи за надлежен за да го разгледа барањето на Иран за укинување на санкциите кои повторно против него ги воведе администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Претседателот на судот, Абдулкави Ахмед Јусуф рече дека судот е надлежен да го разгледа „барањето упатено од Иран“, со што ги отфрли американските обиди за поништување на случајот.

Иран денеска ја поздрави одлуката на судот како „победа“.

– Уште една победа за Иран, напиша иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф на Твитер. Тој додаде дека Меѓународниот суд на правдата ги отфрли сите прелиминарни приговори на САД во случајот што Иран го достави до судот за разгледување во врска со американските „незаконски“ санкции против него.

Во мај 2018 година, Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од меѓународниот нуклеарен договор со Иран склучен во Виена во 2015 година. Со таа мерка, Трамп исто така повторно воведе тешки санкции што го втурнаа Иран во длабока рецесија и го лишија од економска придобивки на кои се надеваше по потпишувањето на договорот.

Според САД, судот на Обединетите нации, чие седиште е во Хаг, не е надлежен да го разгледува тој случај. САД исто така велат дека санкциите биле неопходни бидејќи Иран „претставува сериозна закана за меѓународната безбедност“.

Доколку судот се согласи да го разгледа случајот, конечната одлука може да се донесе за неколку месеци или години.

Новиот американски претседател Џо Бајден сака да ги врати САД во меѓународниот договор од 2015 година, но тој бара Иран повторно да ги почитува своите обврски од документот, кои почна да ги крши како одговор на американските санкции.

– Иран секогаш го почитувал меѓународното право. Крајно време е САД да се покажат на ниво на своите меѓународни обврски, рече Зариф.

Back to top button
Close