Идентификувани се напаѓачите на прободениот бугарски навивач, вели Спасовски
Министерот Оливер Спасовски тврди дека бугарските навивачи, кои пристигнале организирано на граничниот премин „Деве Баир“, добиле полициска придружба и во кордон биле донесени до стадионот во Скопје. Според него, инцидентот со прободувањето на бугарски навивач се случил оти возилото неорганизирано поминало низ Чаир и смета дека нападот е резултат на провокација. Напаѓачите се идентификувани.
Иако вчерашниот натпревар меѓу фудбалските клубови Шкупи и Левски од Софија бил оценет како меч од висок ризик, на самиот настан немало инциденти туку тие се случиле пред тоа, кажа денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Освен случувањата на стадионот „Тодор Проески“, министерот се осврна и на инцидентот со прободувањето на бугарски навивач во Чаир.
„На почетокот, при влегувањето на стадионот, имавме една група навивачи од Бугарија кои се однесуваа насилно кон полицијата. Приведени се вкупно 21 лице, 19 од Бугарија и двајца навивачи од Шкупи“кажа Спасовски.
Спасовски тврди дека бугарските навивачи пристигнале организирано на граничниот премин „Деве Баир“ и оттаму се преземени и во полициски кордон донесени до стадионот.
„Веројатно имало неколку возила коишто доаѓаат сосема неорганизирано и при поминувањето во Чаир, преку одредена провокација што ја прават, настанува конфликт при што, како што знаете, имаме едно повредено лице. Таму се идентификувани напаѓачите, моментално работат колегите, очекувам за многу скоро време да ги имаме детално сите информации по што ќе ве известиме“посочи министерот.
Претходно Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека бугарските навивачи, кои со две возила се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, прво влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, која преминала во физичка пресметка, а завршила со прободување на 29-годишен бугарски државјанин, кој сега е во стабилна состојба.
Првичните сознанија на Обвинителството се дека локалните жители вклучени во инцидентот не се дел од навивачка група. Но, тоа ќе се провери.