Идеологија ВС демократија

Симпозиум
ТЕМА: ИДЕОЛОГИЈА VS ДЕМОКРАТИЈА

ЗАРОБЕН СИТЕН УМ

Актуелните расправи за и околу ДУП-от на Општина Центар уште еднаш не’ потсетија на едно од најголемите – и за жал се’ уште нерешени – злосторства на бившата партиска држава на злосторничкото здружение: шизоидниот проект „Скопје 2014“. Велам не’ потсетија, иако многумина од нас секако не го заборавиле тоа злосторство, иако тенденцијата и на оваа ослободена држава е веќе очебијна: полека но сигурно да го протурка и тоа чудовиште во македонската историја, на мала врата да ни ги внесе во домовите сите негови кичерајски манифестации во централното градско подрачје, а некои од нив дури и како културно наследство! За среќа, во државава се’ уште постојат луѓе со интегритет – една од нив секако е експретседателката на Советот на Општина Центар Јана Белчева – кои јавно, јасно и гласно ги именуваат нештата со нивното вистинско име. А во конкретниот случај тоа е – обидот на Општина Центар преку некаковси нов ДУП да ни ги смести сите оние идиотски „градби“ како наше секојдневие, за навек! И тоа би бил добар повик за обединување на сите прогресивни сили во градов/државава, ако се се’ уште тука, конечно да му се застане на патот на оваа целосна идиотизација и кичеризација на Скопје. Тука можеби одлучна улога ќе одигра слободоумната Асоцијација на архитекти на Македонија којашто веќе решително се спротивставува на обидот за новиот ДУП. Ултиматумот на нејзиниот претседател Мартин Пановски (парафразирам: повлечете го ДУПот па можеме да разговараме) е единствениот можен начин на разговор со македонските бирократски структури! Оваа Асоцијација објективно е сила којашто може да повлече напред во борба со (се’ уште) заробените институции во државава.

Зашто, де факто, ние повторно се среќаваме со моќта на заробената држава. Само што денес тоа се некои други, а не оние вчерашните. И овие, после цели три години нечинење, не’ убедуваат дека „телото“ на злосторството е доказ и тоа мора да остане во центарот на градот до завршувањето на сите судски или други постапки! Колку човек треба да си ги потценува сограѓаните за да изрече една таква глупост? Та зарем телото на Мартин Нешковски – навистина жалам што го злоупотребувам името на детево и ова злосторство – требаше да остане да лежи среде Плоштадот Македонија до завршувањето на судскиот процес против неговиот убиец?

Слободната држава не (ќе) може да профункционира низ (се’ уште) заробени институции – административно, стручно и професионално – како што ни општеството не (ќе) може да се раскрили со сите свои демократски капацитети ако државните институции не му ја обезбедат неопходната логистичка поддршка – административна, законска, стручна… Нашето блиско минато, она од груевистичкиот происход и заробената држава, црно според неговата суштина, беше/е учебник како не треба да функционира државата и општеството. Ако нивните клучни институции не ги извршуваат основните (со закон пропишани) надлежности или извршуваат некои сосема други, оние од интерес на партиската држава и кримогените партократски структури во неа, тогаш производот е тоа што го имавме до вчера и остатоците што ги влечеме до денес. Во таа насока, и не само во светлината на актуелниве случувања во Општина Центар, клучни државни институции коишто во блиското минато беа вистински егземплари на заробениот ум и заробените институции, не се промениле ни за педа. Се сеќавате на оној Жерновски и фамозната настрешница на „Белата палата“? Ене ја, уште стои, а тој уште дреме, само сега како заменик министер за надворешни работи!

Згора на се’, денешната власт покажува и инвентивно надополнување на концептот на „заробената држава“: сега за се’ е виновен граѓанинот. Според градоначалникот на Општина Центар, сите оние кои ја беа вложиле својата стручност, се обиделе професионално да помогнат во расчистувањето на дилемите околу криминалите на злосторничкото здружение, е баш тие требале да поднесуваат и кривични или којзнае какви пријави, можеби тие требале да одат и по судови и слични будалаштини. А за што тогаш ни служи таа општинска/градска/државна администрација ако ние треба да им ја завршиме целата работа? Што тие би требале да (на)прават за градот, за државата, за платата што (повторно од нас) ја добиваат? И овој и ваков однос некако залегна во сите општински/градски/државни структури, како тие да се таму за да си ја претставуваат само партијата на власт а не и јавниот интерес односно интересот на граѓанинот. Впрочем, ако е тоа така, тоа треба јасно и гласно да се каже, па можеби на следните локални избори – а тие се веќе догодина – власта самата ќе се (из)гласа себеси? Дури и да ги оставиме на страна криминалите што со години остануваат неказнети а сега со „новиот ДУП“ како и да се озаконуват, да заборавиме за миг за каков кич и идиотштина говориме кога го спомнуваме она шизоидно „Скопје 2014“… туку да се задржиме само на политичкиот ефект на еден ваков однос на власта (општинска/градска/државна), дури и секој лаик би рекол дека ова се само нови политички самоубиствени потези. Чиишто ефекти, како и на неодамнешните парламентарни избори, бргу ќе бидат видливи!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close