Иднината ни е сигурна, само минатото ни е неизвесно

Денко Малески

Не, оваа мисла не доаѓа од некоја балканска земја туку од Русија. Ја употреби еден австралиски професор на предавање, предизвикувајќи смеа кај тамошната публика. Воопшто не сум сигурен дека реакцијата кај нашата публика би била иста. Ние минатото го сваќеме посериозно од сегашноста и иднината. Свежи се сеќавањата од распадот на Југославиј кога на помош беа повикани токму духовите од минатото, па почна масовна потрага по черепи и коски на умрените за „нашите“ територии.

Година, две потоа, се распадна и советската федерација на 15 независни држави, а 30 милиони Руси останаа надвор од границите на Русија. Најголемата држава на светот загуби 40% од својата територија. Руското раководство мирно ги прифати новите геополитички факти. Но, од губитникот се бараа нови отстапки. Џејмс Бејкер, државниот секретар на САД, дознаваме сега, го убедува Горбачов да се согласи обединета Германија, со делот кој некогаш му припаѓаше на Советскиот сојуз, да стане членка на НАТО.

За возврат добива усна гаранција дека алијансата нема да се шири на Исток кон границите на Русија, „ни еден инч потака“. За ова Бејкер му пишува писмо на Хелмут Кол, германскиот канцелар. Горбачов се согласува. Но, настаните на теренот не се одвиваат во договорената насока. Народите на Источна Европа кои беа половина век под руска окупација, преплашени за својата безбедност, јурнаа на Запад и побараа заштита во членство во НАТО. После извесно колебање околу идејата за заедничка европска безбедносна структура со Русија и распуштање на НАТО, преовлада закономерноста на моќта во мегународната политика: да се контролира се што може да се контролира. НАТО, под водство на Америка, почна да се проширува кон границите на Русија.

Слабите перформанси на Русија во демократската трансформација на државата само го зајакнаа убедувањето на Западот дека ширењето на НАТО е правиот начин за соочување со идната автократија. Неодамна дознавме дека, зад завесата на меѓународната сцена, Горбачов побарал помеѓу 100 и 140 милијарди долари за трансформација на руското општество. Но, повторно стапуваат на сила закономерностите на меѓународната политика каде големите сили се доживуваат себеси како ривали за светска моќ.

Се разбира,никогаш не треба да заборавиме дека зад секоја моќ стојат и вредности, демократски или автократски. Во тоа време, Хенри Кисинџер отворено ја коментира помошта која Америка и западните земји и ја даваат на Русија со констатацијата дека кога ќе застане на нозе, Русија ќе ја проектира својата моќ и влијание врз бившите советски републики. Оттаму и одговорот на барањето на Горбачов за масовна финансиска помош на министерот за финансии на Америка, Барнс. Тој рекол дека такви пари не можат да и се дадат на Русија. Имено, иако стратешким интерес на Америка е Русија да се трансформира во капиталистичка и демократска, подеднакво е стратешки интерес таа да стане сила од „трета категорија“.

Декада, две подоцна доаѓа одговор на Путин: Русија се враќа како голема сила. Прогласувајќи го распадот на Советскиот сојуз за најголемата геополитичка катастрофа на неговата нација, со закана од употреба на нуклеарно оружје, Путин почнува со реализација на својот план за ревизија на договореното од крајот на Студената војна.
„Неизвеснотото минато“ се повикува на помош со еден чудно опсесивен однос кон Украина. Се исцртуваат нови замислени граници на таканаречениот „Руски свет“ во кој спаѓа соседната држава и се трга во освојувачки поход на нејзините територии. Со тоа, престана да важи договорот со Украина за гаранции на нејзиниот територијален интегритет во замена за предавање на Москва на 1900 интерконтинентални балистички нуклеарни ракети, склучен меѓу Украина, Русија и Америка.

Во предвечерјето на руската инвазија на Украина, шефот на американскиот генералштаб, во говор во Конгресот предвидува капитулација на земјата за 72 часа. Мнозина во Европа дури посакуваат таков брз исход. Наместо тоа, ново изненадување: Украинците пружаат херојски отпор. Да се остави народот на Украина на милост и немилост на агресорот не беше опција. Не беше опција ни нуклеарна војна со Русија.

Остана опцијата воена и финансиска поддршка до поразот на рускиот агресор. Ако успее, тоа ќе биде незаборавна лекција за сите насилници во светот, а ставот на Америка и на ЕУ ќе биде славен како единствено исправниот.

Ако, пак,не успее и доведе до нуклеарна војна, нема да има кој да слави било што. Да, такви се дилемите на меѓународната политика.

Back to top button
Close