Игор Мандиќ

Игор Мандиќ беше еден од најважните автори и ликови со кои се сретна моето новинарско љубопитство во формативните години.

Центарфор на неверојатната репрезентација југословенски автори кои ја формираа својата освојувачката посебност преку изборот на темите, преку фразата, во аспектот, во стилот, во јазикот, во се. Заедно со критиката која зрачеше преку конкретните феномени што ја инспирираа и ги зафаќаше директно или имплицитно, но јасно, општествените контексти. Понекогаш беше жестока, понекогаш лефтерна и заебантска, но секогаш со многу дух, збогатена со супериорен но благароден цинизам и иронија, со ерудиција, со јазички и стилски мајстории од нависок маштаб.
Во комбинација со личниот живот кој, обоен со боемштина и, не зависност, туку желба да му се потчини на алкохолот, да му се предаде, зашто веруваше дека алкохолот го прави подобар, исто така беше, всушност, посвета на некој вид отпор спрема стандардите кои се обидуваше да ги наметне општеството.

Игор Мандиќ
Игор Мандиќ

Кај Игор прв пат се сретнав со новата феноменологија, со феноменалната детекција, перцепција и анализа и екстраполација на новите феномени какви што беа рокенролот, телевизијата и воопшто медиумите, рекламите, естрадата, филмот, музиката, спортот. Тој беше врвен мајстор на новата медиумска социологија. Ми се допаѓаше неговиот бунтовен однос кон феномените какви што малку подоцна ќе станат нацијата и државотворството. Неговиот отпор кон лицемерството и лажниот морализам. Мераклија за алкохол, за секс, за цигари, за разни пороци, хедониста, отворено, на јавната сцена. Провокатор, но не подол провокатор, туку предизвикувач на општествата запалени и заглавени во национализам и во општа лага за себе.
Многу работи имам ќарено од Игор. И во темите и во пристапот и во провокацијата, во речникот, а, богами, и во непишувачките аспекти на животот.
Игоре, фала ти за се, за времето кога имав привилегија да те читам и да учам.
Читам дека починал.
Еднаш ги беше потрошил последните пари на бифтек и добро вино како последна желба пред умирање.
Тогаш смртта го беше заебала.
Или, можеби, тој неа.
Вчера, очигледно, бил постигнат договор.
Адио, Игоре.

 

Бранко Тричкоски

Back to top button
Close