Игор Милев од Царина заминува во „Македонски телеком“ – Владата го предлага за претседател на Одборот на директори
Својата кариера во Царинската управа, Милев ја почна во 2018 година, во времето на директорот Ѓоко Танасоски, кој беше назначен на функцијата по формирањето на првата влада на Заев во 2017 година. Милев остана во Царина и по разрешувањето на Танасоски и именувањето на Горан Сугарески за нов директор во јануари 2021 г. Непотврдени информации говореа дека Танасоски е сменет затоа што не одобрувал дел од постапките на Милев
Владата го предложи Игор Милев за претседател на Одборот на директори на „Македонски телеком“ од редот на неизвршни членови. Ова доаѓа по одлуката на Зоран Китанов да се повлече од оваа позиција.
Владата поседува 34,81 отсто во компанијата и златна акција.
Според официјалната биографија, Игор Милев завршил постдипломски студии на Правниот факултет во Скопје, од 1999 до 2001 година работел како приправник во Основниот суд во Радовиш, во периодот од 2001 до 2002 година бил раководител на правната служба во „Јака 80“ АД Радовиш, а од 2002 до 2015 година работел како адвокат.
Милев од 2015 до 2017 година бил член на Државната изборна комисија. Од 2018 до 2023 година бил советник на директорот на Царинска управа.
Од 2011 до 2013 година бил член на Управниот одбор на Адвокатска комора на Македонија.
Во периодот од 2004 до 2005 година бил член на второстепената Комисија за јавни набавки при Владата.
Милев, по речиси пет години поминати на висока позиција во Царинската управа, на крајот на февруари, на свое барање, ја напушти оваа институција.
Иако се споменуваше во комбинации да застане на чело на Царинската управа, тој никогаш формално не стана директор. Од јавните објави, па и од профилите на Царина на социјалните медиуми може да се види дека во петте години стаж Милев бил помошник-директор на Секторот за контрола и истраги.
Додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, помошник-директор на Секторот за контрола и истраги во Царината беше Дарко Дулиќ, а непосредно по преземањето на премиерската позиција во 2017 г., Зоран Заев сведочеше за големиот интерес токму за тоа место.
,,Премиерот што ја води Владата на Република Македонија ги слушаше тие пусти разговори. И сега знае сè и затоа сега сите кај мене се тепаат кој да биде на местото на Дулиќ во Царина и на местото на Влатко Мијалков. И што тоа? Викам – колкава е платата? Мала е платата, не е голема. Епа, не бива таа работа“ изјави тогаш Заев алудирајќи на моќта што ја носи тоа место.
Малку подоцна токму Игор Милев ја зазеде таа позиција.
Директор во сенка
Својата кариера во Царинската управа, Милев ја почна во 2018 година, во времето на директорот Ѓоко Танасоски, кој беше назначен на функцијата по формирањето на првата влада на Заев во 2017 година. Милев остана во Царина и по разрешувањето на Танасоски и именувањето на Горан Сугарески за нов директор во јануари 2021 г. Непотврдени информации говореа дека Танасоски е сменет затоа што не одобрувал дел од постапките на Милев.
На работното место советник на директорот Милев остана и откако Сугарески си даде оставка од Царинската управа поради кандидатурата на локалните избори во 2021 г., а на негово место во јули истата година беше назначена актуелната директорка Славица Кутиров.
Додека директорите на Царина се менуваа, Милев продолжуваше да важи за моќна и влијателна фигура во оваа институција. Така го портретираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите што кружат во Царината, Игор Милев добил одврзани раце да ги спроведува партиските задачи. Имено, веднаш по вработувањето, Игор Милев има овластување од страна на директорот на Царинската управа да извршува задачи на помошник-директор на Сектор за контрола и истраги, најважниот сектор задолжен за спречување криминални дејанија и шверц. Според кои квалификации е вработен Милев? Дали криминалниот картел го награди Милев за аминувањето на криминалните локални избори во октомври лани со место во Царинската управа“реагираа од ВМРО-ДПМНЕ на 29 април 2018 година, месецот кога Милев беше вработен во институцијата. (360 Степени)