Игор Шајноски со својата позитивна енергија руши рекорди за продажба на „Лице в лице“

Ако низ струшките улици, чаршијата во Охрид или на плажите, сретнете насмеано лице, со ведар дух и црвена кецеља, тоа е продавачот на уличното списание „Лице в лице“ Игор Шајноски.

Триесет и двегодишниот Шајноски, лице со даунов синдром, со голема посветеност и трпение, на минувачите и гостите во угостителските објекти веќе осум години им го нуди списанието, од чија продажба половина од заработката е за него. Од неодамна тој е вработен во Центарот за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост „Порака нова“ и е прво лице со попреченост вработено во организацијата.

Неуморно работи, а зад него се рекордните продажби на „Лице в лице“

Неуморно работи, за тоа говорат и резултатите од продажбата. Си ја сака работата, вели дека е задоволен и дека му е убаво. Среќен е што со својата плата придонесува за семејниот буџет.

Тој е најдобриот продавач на „Лице в лице“, постојано руши рекорди на продажба, но состојбата со Ковид 19 го загрижува и него. Освен на улица, директно од Игорче, „Лице в лице“ може да се купи и он-лајн со внесување на кодот #IgorPoraka.

– Ја сакам работата многу. Го продавам списанието во Струга и во Охрид. Имам многу пријатели, кои ги запознав со уличното продавање. Се чуствувам корисно, бидејќи сам заработувам. Списанието може да го купите и преку веб продавницата, а јас ќе се погрижам да стигне на вашата адреса, гордо раскажува Шајноски.

Со голема љубов и воодушевување зборува за неговото родно село Радожда, за убавините на Струга, мирот кој го наоѓа на брегот на Охридското Езеро, семејството…

 

– Редовно го читам списанието. На купувачите им ги раскажувам темите кои се содржат во изданието, додава Игор.

Пандемијата ја намали продажбата

Со почетокот на пандемијата, според Шајноски, се намалува и продажбата на списанието, но тоа го надоместил летото. Во време на пандемија тој упати апел до сите да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид 19, бидејќи, како што рече, лицата со попреченост спаѓаат во ризичната група.

– Ние лицата со попреченост сме ризична група. Почитувајте ги мерките за заштита. Кога продавам „Лице в лице“, носам заштитна маска и држам растојание со купувачите, но и со минувачите, нагласува Игор.

Колегите во „Порака нова“ го опишуваат како вреден и снаодлив, и оти со посебен шарм им го нуди списанието на минувачите. Но покрај продажбата, тој дели канцеларија со другите вработени во Центарот, каде според секеретарот Анита Гагоска, придонесува во целата организација и активностите.

– Сите го сакаат Игорче. Заедно со нас е во канцеларија и нема никаква разлика, ние си го чуствуваме како наш колега. Сега работиме на изработка на стратегијата и тој придонесува во целиот процес, изјави Гагоска.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close