Игор Стефановски – Иџе, прв Македонец во Еуронаскар про
Македонскиот автомобилски ас Игор Стефановски – Иџе продолжува да ја пишува историјата на македонскиот автоспорт! Трикратниот европски шампион во ридски патеки овој викенд ќе дебитира во ЕУРО НАСКАР ПРО, како дел од тимот Speed House S20 Team, во финалето на шампионатот што ќе се вози на легендарната патека Золдер во Белгија.
Иџе станува првиот Македонец кој ќе настапи во оваа престижна серија под лиценца на американскиот Наскар, најпопуларниот автомобилски шампионат во САД, кој веќе повеќе од една деценија има и своја европска верзија.
„Во 2020 година требаше да возам во ова првенство, но пандемијата го стопираше тоа. Конечно, пред неколку дена добив покана од организаторите да бидам гостин на последната трка во Золдер. Добро е што ја знам патеката, тука имам победа во ЕТЦЦ во 2017 година,“ – изјави Стефановски.
Иџе вели дека ова ќе биде нов предизвик во неговата кариера, бидејќи ќе вози автомобил кој досега не го пробал, во класата со околу 26 професионални возачи.
„Ова ќе биде моја 201 трка, и со неа отворам ново поглавје. Ќе бидам дел од силна конкуренција – минатата година тука возеше Жак Вилнев, а годинава е и легендарниот Иван Милер. Ова е голема чест, но и огромна мотивација,“ додава тој.
Стефановски најавува дека резултатот нема да му биде приоритет, туку запознавање со новиот автомобил и шампионатот, како вовед во можни идни настапи во оваа елитна категорија.
Видеолотарија Касинос Австрија со години стои зад Иџе како негов поддржувач, верувајќи во неговата спортска визија и во македонскиот успех. Со истиот дух на страст, храброст и истрајност, ќе продолжиме да навиваме за Иџе – нашиот шампион, кој ја носи Македонија на европските патеки