Игра на нерви или игра на факти?

Во контекстот на поддршката што целата држава ја добива од одделни европски земји, од сериозни научници (вклучувајќи и бугарски, се разбира), ене и Холандската амбасада објавува дека е лажна вест поддршката на таа држава на бугарското вето, истото веднаш го прави и Данска, а не е чудо сега во низа да се редат и останатите членки на Европската унија, пак останува истото прашање: и што? Пак ќе испадне дека и сега, денес и тука, сите не’ поддржуваат, ама ете – виѓи врага – се појавува една Бугарија и се’ оди бестрага!? И сите се беспомошни, се тресат пред крунските „аргументи“ и „вистини“ на таа држава а ние сепак сме само мали манипулатори и крадци на историјата, расипувачи на европски забави. Како ли Бугарија успева да ги убеди во своите „вистини“, (се) прашува ли некој? Или, може и обратно: зошто ние не успеваме да ги убедиме во нашите!? Кога слушам(е) некои наши официозуси од првата линија на фронтот, сега дополнети и со оној бившион премиер, прашањето изгледа непотребно, но сепак, повторно: сме ги сработиле ли сите претходни домашни задачи за да бидеме барем рамноправен учесник во процесот а не да трчаме по настаните?

Се покажа дека барем две (важни) не сме сработиле – онаа за „(не)безбедносниот проблем“ и онаа за важниот „американски џокер“. Третата, историската, уште помалку. Барем така изгледа. И не мислам тука на онаа реалната, онаа „учителката на животот“ на којашто сега се обидуваме да и’ го свиткаме рбетот, туку историјата како соседско искуство. Зашто, ако со некои од соседите навистина имаме „заедничка историја“, тогаш тоа е историја на подјарменоста, на ропството, а во поново време историјата на окупацијата во периодот 1941-1944 година. И ова е третиот битен аспект во успешноста на нашиот обид за нов „живот и приклучија“ кон фамозната Европа: третманот на поновата историја, на локално но и (барем) на регионално ниво. И тука сме, по се’ изгледа, најтенки зашто тука е неопходно читање, проучување (што на нашиве им е најтешко, се разбира) – иако не знаеме за што тогаш им служи онаа булумента советници! – и следствено примена на искуствата на соседите (Грција и Србија пред се’, но и една Унгарија, на пример) со односно кон „бугарскиот проблем 1941-1944“. И ова е можеби клучниот аспект, барем во нашата „одбрана“, пред судот на јавноста во Европа и светот, иако немам дилеми дека тие – таа Европа и тој свет – многу подобро ги разбираат сите историски аспекти и сите будалаштини што соседите ги вметнуваат во играта на нервите викана пристапни преговори кон Европската унија. И тоа е’ де факто игра на нерви бидејќи не е игра на факти. Ама ние мораме да ја смениме играта: играта на нерви е секогаш на страна на „посилниот“, во случајот на Бугарија, на која ама баш воопшто не и’ се брза и којашто, како што народски се вели, нема зорт. Ние имаме, иако не таков и толкав како што нашиве сакаат да го претстават. Но сеедно, еве да се согласиме дека нам ни се брза. Иако, кој брза – греши, а особено во меѓународните односи!

Како и да е’, ние мораме да играме со фактите, но не само со нашите туку и со фактите на соседите. Ако, како што вели онаа сериозна историја, Бугарската држава во периодот 1941-1944 година била – јавно, јасно, гласно и со (не)дела – на страната на Оската, што пак целосно и неотповикливо ја идентификува (и) со фашистичката идеологија – според (не)делата а не според самочувството – тогаш трагите на таа историја ги има не само кај нас туку и во регионот. Ги има пред се’ во Македонија, но и во дел од Грција и во Србија (источниот дел). Следствено, знаеме ли како тој период е третиран во (на пример) учебниците во Грција, во историските книги, во државната историографија? Или, како тоа е третирано во Србија? Дали навистина во нивните учебници и историографија се премолчува овој период, се премолчува окупацијата на еден дел од нивната територија… ? Сигурно не, но следствено: како тоа Бугарија немаше забелешки за започнувањето на пристапните преговори на Србија? Или, во истиот период, цела Војводина е окупирана од унгарски фашистички војски. И мислите дека тоа е премолчено во српската историографија? Ама ни Унгарија немала ништо против Србија да ги започне пристапните преговори! Или, ако ја оставиме настрана Бугарија, во сите овие земји јасно и гласно се пишува за германска окупација, за германски (фашистички односно нацистички) ѕверства. Ене ви го Крагуевац, каде се вели дека стрелањето на цивилното население го направиле „снаге нацистичке Немачке 19, 20. и 21. октобра 1941. године“! Во Меморијалниот парк стои и цел еден музеј посветен на настанот во којшто пишува се’, црно на бело, за тие стрелања. И? Зошто Германија не го блокираше отворањето на пристапните преговори со Србија? Или требаа барем да бараат бришење на позната песна „Крвава бајка“ на Десанка Максимовиќ? Или овие „историски приказни“ се само балкански специјалитет?!

Како и да е’, ако ние не ги поставуваме вистинските прашања, ако не ја кажуваме нашата „приказна“, ако не ја аргументираме со компаративни факти и аргументи на коишто ќе инсистираме и ќе бараме дециден одговор од ЕУ… тогаш доминантна (о)станува другата „приказна“, онаа измислената, извитоперената, и нивната игра на нерви наместо игра на факти. Оние бајки за различни истории се сепак само бајки, па и басни. Такво нешто не постои. Постојат различни интерпретации на историјата, ама и за тие има мерка, има рамка, има наука којашто поставува граница на толеранцијата! А ние дури се впуштаме денес да одредуваме наџионалност на поединци кои живееле не само пред стотина и дваесет години (Делчев) туку и пред десет века (Самоил). Извинете но тоа е сулудо и својствено на несигурни во себе и во своите знаења луѓе, групи, народи, истории… Кому тоа воопшто му треба? И зошто? Зошто ни е нам туѓото лудило?

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close