ИГРАЈТЕ ЛОТО
Овие пари не се пари
Пет милиони евра се пет милиони евра. „ Државна лотарија“, која беше главен спонзор на едномесечната прослава на 35-годишнината на независноста на Македонија, е државна компанија. Петте милиони евра се на сопственикот на компанијата. А сопственикот на „Државна лотарија“ сме ние – даночните обврзници.
Премиерот Христијан Мицкоски ни вели дека за прославата што чинела пет милиони евра, ние сме платиле нула денари. Дека тие пари не се пари. Зошто? Затоа што исплатата не одела од сметката на Буџетот. Тие пари останале како добивка во државната фирма и досега не влегле во Буџетот.
Е сега, Владата што сме ја избрале да ги менаџира нашите пари решила нераспределената добивка од државната фирма наместо да ја уплати во Буџетот, да ја потроши за прослава на 35-годишнината од независноста. И тоа не е спорно. Славевме цел месец по плоштадите низ државата.
Тогаш, што е спорно?
Спорно е зошто упорно криеја колку ќе чини прославата, кога веќе знаеле дека ќе биде „нула денари“? Можеа да ни кажат уште во мај, кога портпаролката на Владата Марија Митева вети дека „достоинствено и доследно ќе информира за сите детали“.
Спорно е и ако прославата била само нула денари, зошто до последен ден фирмата-организатор, што била единствена пријавена на огласот на „Државна лотарија“ што траел пет работни дена, нѐ правеше идиоти затоа што прашувавме колку наши пари ќе потрошат?
И конечно, кога помина и спектакуларниот концерт на Давид Гета на 8 Септември, зошто премиерот нѐ убедуваше дека пет милиони евра се нула денари?
Како и да е, наши пари се потрошени.
Возачот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев примил мито од 1.500 евра за да обезбеди вработување како пожарникар во Бригадата за противпожарна заштита, фалејќи се дека има влијание во Град Скопје. Јанушев се огради од него, рече дека кај него работел само шест месеци, а пред тоа возел други државни функционери.
Од каде извира моќта на возач на државен функционер да ветува вработувања на места за кои треба врвна подготвеност и професионалност? Од каде му е силата да се дрзне да бара пари? За овој дознавме оти го пријавиле. За да бидеш пожарникар треба да имаш и срце и храброст, па некому му пукнал филмот. Ама, колкумина немаат срце и храброст да пријават? Колкумина се возачи на државни и јавни функционери што имаат влијание да вработуваат? Штом возач може да се фали со моќ за да вработува, што да помислиме за „елитата“ што ја возат?
Celata kolumna na Goran Mihajlovski na sdk.mk






