Играта е завршена

 

БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ

 

Во Белград и Приштина стигнаа јасни пораки – „Играта е завршена“. Деценискиот спор за Косово за кој сите знаеја дека мора да заврши со признавање на новата политичка реалност, настанат по пустошот кој зад себе го остави налудничавата политика на Милошевиќ, предолго беше храна со која се хранеше популизмот зад чија националистичка сценографија се сокри многу корупција и криминал на штета на оние за чиј наводни интереси се залагаа политичките структури без било каква визија за иднината на нивните граѓани.

Казиното на Вучиќ, Курти и сите како нив, во кое главен влог се човечки судбини – заврши. На масата е фрлен план со кој двете страни мора да прифатат дека Косово е меѓународен субјект а српската популација на Косово ничиј џокер за употреба кога картите во раката не се какви што сакаат да бидат. Овој пат планот е ставен на маса без дипломатски ракавици туку со јасна порака кои се последиците од негово евентуално отфрлање. За Србија и Косово започна тешка година во која некаде до летово ќе мора да се завршат работите онака како што е предвидено со планот. Последиците од неговото евентуално отфрлање за кои се уште не знаеме детали а кои им се експлицитно соопштени на Вучиќ и Курти се очигледно тешко прифатливи, тоа јасно го кажа и самиот Вучиќ.

Разликата од децениската игра на мачка и глупец која некогаш беше прифатлива дури и за Брисел и Вашингтон, стана неподнослив товар во новите геополитички околности настанати со руската агресија на Украина. Овој руски изблик на примитивизмот во 21 век јасно е дека во наредните месеци ќе ескалира до степен во кој двете страни сепак ќе мора да седнат на маса за да најдат политичко решение. Западот очигледно ги зголемува контингентите со наоружување за Украина за да и овозможи заземање на што поповолни позиции на преговарачката маса. Тешко е да е се претпостави дека Украина по се што се случи и случува ќе може да ја задржи целата територија. Крим а можеби и Донбас ќе бидат загубени засекогаш по што во ОН ќе се добијат нови меѓународни граници. Русија ќе биде нешто поголема а Србија нешто помала. Жално во оваа брутална геополитичка игра е што Србите по кој знае кој пат ќе бидат изневерени од нивните руски браќа.

ЕУ и САД, како и да се одвиваат работите на фронтот, не можат да си го дозволат луксузот кој можеби досега и си го дозволуваа гледајќи го од ВИП ложа, националистичкиот транс на Балканот. Нема повеќе ни ден време за заокружување на европскиот геополитички  простор кој треба да се подготви за некоја нова студена војна која ќе произлезе како последица од случувањата во Украина. Русија со или без Путин уште децении нема да може да биде партнер на западот а источните граници на Европа ќе станат нова железна завеса.

Во тие геополитички околности за игри на Балканот веќе нема ни малку простор. За жал количините на национал – шовинистичките идеологии распослани комотно по целиот Балкан, во изминатите три децении во комбинација со една европска блазираност во однос на истите, генерираа огромно количество на фрустрација кое денеска претставува атомска бомба која лесно може да пукне во такви тектонски геополитички потреси што налага итна мобилизација на заморените и десеткувани либерални структури на Балканот, и уште повеќе на оние во ЕУ која процесот на проширувањето од симулации на маса ќе мора да го трансформира во реалност.

Пораката упатена до Белград е толку гласна што не верувам дека не се слушна во Скопје и Софија во кои руската машинерија во фаза на прегорување ги активира сите свои потенцијали за активација на конфликт. Во игра е ставено се. Македонија влезе во година од која нема повеќе играње со топките кои и ги остави Милошевиќ. Уставните промени и континуитет на преговарачкиот процес со ЕУ ќе мора да се обезбеди. 2023 трајно ќе ја детерминира иднината на Македонија. Нема да биде лесно.

Back to top button
Close