ИГРИ ЗАД ОЛТАРОТ: Како рускиот свештеник со шпионско досие работел против автокефалноста на МПЦ

Добриот познавач на статусот и дејноста на Руската црква во Софија, професорот по теологија од Софија, Калин Јанакиев, деновиве откри многу детали за вистинската улога на овој храм, за кој вели дека била надлежна амбасадорката на Москва во Софија – Митрофанова.

Во нашата земја прогласувањето на дел од персоналот на руското посолство во Скопје не предизвика преголемо внимание, веројатно заради зачестеното прогласување на службеници дојдени од московското МНР за персона нон грата. Но прогласувањето на еден руски свештеник за недобредојден во земјава, а кој очевидно не бил редок гостин во МПЦ, секако заслужуваше многу повеќе внимание од нашата јавност.

 

За да се задоволи таа оправдана љубопитност, секако, немавме доволно податоци, иако пост фестум реакциите што дојдоа од Софија, отвораат простор за да се согледа трансферзалата на антимакедонско дејствување на Руската православна црква на линија Москва – Софија – Скопје.

 

Но и да се запрашаме – колку е силно проруското лоби во рамките на нашата црква во моменти што ниту малку не се наивни во однос на нашата геополитичка позиција?!

 

Зошто на овој руски свештеник му се дозволило ги попречува процесите што токму актуелната власт ги спроведе, од планирање до реализација на сонот на тукашните православни верници за целосна автокефалија, оној сон уште од 1767 година, кога практично Охридската архиепископија го губи дотогашниот статус.

СЕДИШТЕ Улогата на Руската црква забрзано се менува по 1998 година

Брзи кадровски промени и цели на Руската црква во Софија

Отворањето на оваа тема од страна на еден професор по теологија во Софија, Калин Јанакиев, кој бил дел од поклониците на верската служба што постоела во различни периоди во Руската црква во главниот бугарски град, укажува на низа согледувања за сите промени што настанувале постепено во неа и кои истата најпрвин ја гетоизирале, а потоа ѝ дале јасен субверзивен профил! За нас ова сведочење има посебна важност, што бара да се согледа колку се длабоки корените на билката на злонамерата која се обидел ја посади споменатиот Змеев на наше тло.

Во текстот на авторот Георги Лозанов (Дојче Веле на бугарски) под наслов „Како руската црква во Софија се претвори во про-путиновско гето“, се анализира дел од хронологијата на постоењето на оваа црква на бугарско тло. Истата е таму надвор од канонските правила (се смета за екстериторијална во однос на црквата – домаќин!), помина низ скандалот на изгон на многу бугарски верници од нејзините простори (!), за што имало и реакции во локалниот печат, а потоа станува центар од каде се „стрела“ кон напорите на МПЦ да се стекне со рамноправна позиција во однос на другите православни цркви.

Според проф. Јанакиев, тоа бил храм каде што на времето доаѓале верници од сите нации, сѐ до 1998 година, кога свештеникот Сергеј Трухачев, кој бил омилен, ама е заменет, како што вели сведокот, со „свештеници со посебни намени“.

Отецот Сергеј бил заменет од Александар Крјагин, кој веќе покажувал интерес да создава комуникации со многу луѓе од јавниот живот, со бугарската олигархија, како што вели тој.

Штом Путин доаѓа на власт, испратен е нов раководител на црквата – отец Исидор кој бил арогантен и започнал да дава забелешки за сите бугарски свештеници во црквата, а за нивни јавни изјави, сметал дека требало да минат низ неговиот филтер. Набргу и тој бил сменет, а по него дошол отец Филип Василцев, кој бил уште полош во односот кон локалните свештеници и верниците, а започнал и со етничка чистка во однос на оние кои треба да го минат прагот на црквата, што предизвикало скандал по медиумите.

Останале само најзакоравените путинисти, вели професорот Јанакиев, а храмот станал штаб за посебни, како што вели тој – субверзивни активности.

 

„И не само во Бугарија, туку и во Северна Македонија“, јасно додава Калин.

ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ЦРКОВНИТЕ ОДОРИ Васијан Змеев бил на кусо јаже на безбедносните служби по педофилски скандал

Црква со посебен, неканонски статус

Тогаш, и за теолошките лаици веднаш паѓа во очи тој двоен статус на Руската црква. Истата е основана во Софија во време кога се јавил раскол во БПЦ. Имало некакви делби, а Москва не сакала да биде надвор од случувањата. Потоа, ситуацијата со БПЦ се средила ама руската црква останала среде Софија, како самостојно, би рекле небаре е дипломатско претставништво на РПЦ! И ете долго време немало отпор во таа средина за таквиот чуден статус. Веројатно како одраз на историски континуитет, кој значи постојана благонаклоност кон „браќата ослободители“ од страна на мнозинството Бугари.

Да потсетиме дека свештеникот Змеев, заедно со тројца дипломати беше отстранет откај нас, ама потоа се отвори „Пандорината кутија“ и во Софија, па таму тројца свештеници од Руската црква беа изгонети. И тоа не како свештеници, туку како цивилни лица кои се бавеле со незаконски активности.

ЗАЕДНИЧКА БОГОСЛУЖБА СО СОФИСКИОТ ВИКАР Ова беше направено за инает на властите два дена по истерувањето на Змеев од Скопје

За Јанакиев, сознанието дека Змеев дошол во Македонија во мигот кој не им се допаднал на неговите претпоставени – „се очекуваше Македонската црква да добие официјално признание од Цариградската патријаршија неодамна, а јас се сомневам дека активноста на Васијан Змеев беше токму тоа – да ја опструира конечната одлука за нејзиниот статус, што ќе гарантира автономија“.

Да направиме отклон за миг од сторијата и да се потсетиме дека гостите од Русија дојдоа лани, некако ненадејно, во Скопје во митрополијата, а дека портпаролот на МПЦ Тимотеј пред новинарите излезе доста збунет. Побара од претставниците на пресот да не се бранува многу ситуацијата и дека сѐ треба да се одвива со голема дипломатија и внимателност, а новинарите мислам дека тоа го почитуваа.

Впрочем, поголем дел од редакциите тоа го направија со задоволство, бидејќи тоа ќе значеше симнување на прашањето на автономијата на МПЦ од дневните агенди, кои, тогаш и мораа да значат дека имаат респект, пред сѐ, кон актуелната власт што имаше завидна улога во тој процес, па вака-така таа нејзина улога можеше да се стави „под тепих“. Но, присуството на руските свештеници зачести, а молкот на „вториот Рим“ или Цариградската патријаршија – која треба да го даде томосот станува – сѐ поречит!

Професорот Јанакиев цени дека тој не е контраразузнавач, но вели дека „љубопитната служба на Васијан Змеев е разузнавачка“. И додава дека истиот, пред да стане архимандрит, бил проректор на Московската теолошка академија.

 

„Потоа избил педофилски скандал поради поплаките на студентите и учениците за сексуални напади од страна на наставници и воспитувачи, меѓу чии имиња е и тоа на Васијан Змеев“.

 

Ова создало некакво „кусо јаже“ на кое цивилните безбедносни служби потоа му давале задачи во кои мантијата му била само покров за неговите субверзивни намери.

 

ЗАЧЕСТЕНО Руски црковни делегација често доаѓаа кај нас – за што се разговарало со претставниците на МПЦ?

Прва станица – Белорусија

Најпрво бил испратен во Белорусија (оваа сѐ уште е органски дел од РПЦ, а нејзиното име е Белоруски егзархат на Московскиот патријархат (Белорусский экзархат Московского патриархата). Таму низ еден процес во 1990 година самостојноста на Минската епархија е изгубена, ама таа постапка очевидно не била заборавена лесно кај верниците. Или не кај сите.

 

И очигледно е така, бидејќи во време на егзархот Павел, таму доаѓа споменатиот Змеев. „Да се испрати таму друг претставник е исто како бугарскиот претседател да назначи бугарски амбасадор во Варна“ – го објаснува тоа проф. Јанакиев. „Од публикациите, јасно е со каква задача Васијан Змеев отиде во Белорусија – да го набљудува, пријави и да се спротивстави на егзархот Павел, кој во 2015 година почна да зборува за идната автономија на Белоруската црква“

По оваа задача, Васијан Змеев во 2018 година бил испратен во Софија со како што се вели – акумулирано искуство во извршување на неканонски наредби. Ова требало уште тогаш да предизвика внимание на бугарското контраразузнавање. Но не предизвикало – тој практично пет години дејствувал под закрила на Руската црква во Софија!

Кога се случило протерувањето и од Софија, амбасадорката на Русија во Бугарија, Митрофанова, реагирала жестоко и се заканила дека ќе ја затвори Руската црква. Што било очекувањето? Дека ќе предизвика бурна реакција на јавноста, на БПЦ, а посебно на проруската партија Вазраждане (Възраждане), но тоа не се случило.

Навистина, Змеев (црквено име Поликарп) според бугарски „Фактор“, служел молебен заедно со викарот на патријархот Неофит, што требало да значи дека тој е во некаков вид на црковна заштита. Медиумот ова го прокоментира со констатацијата дека БПЦ е под анестезија од страна РПЦ! Весникот пишува дека Змеев со уште двајца други свештеници биле однесени во миграциското одделение, а потоа качени во притворски автомобил (!), ги однеле дома, за да ги земат своите работи, а потоа се однесени до границата со Србија (!).

Дали храмот е затворен, според заканата на амбасадорката Митрофанова? Според проф. Јанакиев – и да и не! Проценката, според него, за таа чудна ситуација, е во фактот дека Митрофанова се излажала во пресметките. Вазраждане не било доволно мотивирано, иако во своите редови има лица кои би правеле нереди. Официјално БПЦ молчи, а Руската црква не добила нови свештеници, иако Јанакиев цени дека овој храм на руските интереси им е потребен! Но работата, секако, е лоша, бидејќи, местото веќе е, што би се рекло просто – „офирано”

Љубомир Костовски

извор: Цивил

Back to top button
Close