Илјадници граѓани формираа „жив ѕид“ во Белград: Не го даваме Генералштабот


Со паролата „Не го даваме Генералштабот“, денеска во центарот на Белград се одржа протест на повеќе илјади студенти и граѓани под името „Ние сме жив ѕид“. Тие испратија порака дека „нема мирно да го гледаат“ уривањето на тој комплекс и „газењето на Уставот и законот“.

Собраните на протестот бараа укинување на lex specialis врз комплексот на Генералштабот и враќање на статусот на културно добро на таа зграда.

Естела Радоњиќ Живков, конзерватор во Републичкиот завод за заштита на спомениците, изјави дека зградата е ремек-дело на архитектурата на поранешна Југославија, кое ја претставува битката на Сутјеска и борбата против фашизмот.

„Објектот е три пати погоден за време на НАТО бомбардирањето и претставува и симбол на страдање на Србија. Денес стана симбол на заштита на културното наследство, а граѓаните, струката и меѓународните организации сакаат да го спречат уривањето и градбата на хотел и коцкарница на зетот на Трамп, Кушнер“, изјави Радоњиќ Живков.

На протестот беше соопштено дека ова е нивното „прво предупредување“ до властите. Симболично, околу зградите на Генералштабот беше формиран „жив ѕид“ и беше повлечена црвена линија, како „предупредување“ до властите да не ги уриваат зградите.

На стотина метри подолу, на булеварот на Кнез Милош, веќе деветти ден пред Собранието штрајкува со глад Дијана Хрка. Таа одби да оди кај претседателот Вучиќ, изјавувајќи дека тој не е надлежен за она што таа го бара.

Back to top button
Close