Илјадници лица протестираа во Сао Паоло, бараат апсење на поранешниот претседател на Бразил

Десетици илјади луѓе се собраа во Сао Паоло, во знак на протест против упадот на приврзаниците на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро во Конгресот.

Демонстрантите бараат негово апсење.

Во голем број градови и населени места на Бразил вчера се одржаа улични собири за поддршка на новиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, а бројот на присутни во Сао Паоло бил импресивен, јави „Би-Би-Си”.

Многумина дојдоа облечени во црвено – бојата на Работничката партија на Лула, други вееја транспаренти на кои пишуваше „Нема амнестија за пучистите” и повикаа да бидат казнети одговорните. Имаше и скандирања „Затвор за Болсонаро”, а собирот се одржа под силно полициско присуство.  

Новиот претседател заедно со гувернерите на земјата направи обиколка на објектите на државните институции оштетени во немирите, претседателската палата и Врховниот суд.

Притоа ги осуди „терористичките акти” и вети дека ќе ги казни сторителите.

Околу 1.500 луѓе беа приведени во нередите во неделата во главниот град на Бразил, седум дена откако претседателот Лула да Силва положи заклетва по поделените избори во октомври.

Болсонаро (67) не го призна поразот на тензичните избори и замина во САД пред да ја предаде функцијата на 1 јануари. Тој вчера беше примен во болница во Флорида поради болки во стомакот.

Back to top button
Close