Илјадници загинати од почетокот на американско-израелските напади врз Иран

Неколку илјади луѓе загинаа ширум Блискиот Исток од почетокот на офанзивата која на 28 февруари ја почнаа САД и Израел против Иран, пренесе Бета повикувајќи се на Ројтерс.

Агенцијата претстави преглед на бројот на жртви по земји предизвикани од конфликтот кој се прошири на Либан и ги зафати државите од Заливот кои беа цел на иранските напади. Ројтерс нагласува дека не бил во можност да го потврди бројот на жртвите од независни извори.

ИРАН

Според податоците кои во средата ги објави американската невладина организација Human Rights Activists News Agency, загинале 3.230 луѓе, вклучувајќи 1.406 цивили, меѓу кои најмалку 210 деца.

Невладината организација наведува дека нејзините податоци доаѓаат од извештаи од теренот, локални контакти, медицински и извори за итни случаи, мрежи на граѓанското општество, јавно достапни документи и официјални соопштенија.

Според последните податоци кои минатата недела ги објавија државните медиуми, најмалку 1.270 луѓе загинале, вклучувајќи 40 во израелски воздушен напад врз станбен кварт во Техеран.

Иранскиот амбасадор во ОН, Амир Саид, на 6 март изјави дека во војната загинале најмалку 1.332 цивили.

Иранската војска наведе дека 104 лица загинале откако американска подморница потопила ирански воен брод кај брегот на Шри Ланка на 4 март.

ЛИБАН

Најмалку 1.029 луѓе загинале во израелските воздушни напади од 2 март, според либанските власти. Светската здравствена организација (СЗО) наведе дека меѓу нив има повеќе од 100 деца.

ИРАК

Најмалку 60 луѓе загинале, според ирачките здравствени официјални лица. Повеќето од нив припаѓаат на Силите за народна мобилизација, шиитска вооружена група.

Член на екипаж, странски државјанин, е убиен во напад врз танкери за нафта во близина на ирачко пристаниште, според официјални лица за безбедност на пристаништето.

ИЗРАЕЛ

Петнаесет цивили загинале, вклучувајќи девет во ирански ракетен напад врз Беит Шемеш, близу Ерусалим, на 1 март, според соопштението на националната служба за вонредни ситуации Magen David Adom.

Израелската војска соопшти дека двајца војници загинале во јужниот дел на Либан. Тоа се првите жртви во нејзините редови од обновувањето на непријателствата со Хезболах минатата недела, откако групата го нападна Израел во знак на поддршка за Иран.

Војската наведува дека во еден од нивните артилериски напади по грешка загинал израелски земјоделец близу либанската граница, што го прави првиот израелски цивил загинат во конфликтот со Либан, кој се одвива паралелно со војната во Иран.

ПАЛЕСТИНСКИ ТЕРИТОРИИ

Четири палестински жени загинале во ирански ракетен напад на Западниот Брег.

БАХРЕИН

Две лица загинале во два напади на Иран, според соопштението на Министерството за внатрешни работи. Еден од нападите бил насочен кон станбена зграда во главниот град Манама.

КУВАЈТ

Шест луѓе загинале во иранските напади. Меѓу нив се двајца офицери на Министерството за внатрешни работи и двајца војници на кувајтските вооружени сили, според соопштението на властите.

ОМАН

Две лица загинале во напад со дрон во индустриска зона на провинцијата Сохар, што се први жртви во таа земја, во која пред почетокот на конфликтот се водеа посреднички преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран.

Едно лице загинало откако проектил погодил танкер за нафта MKD VYOM кој пловел под знаме на Маршалските Острови, кај брегот на Маскат, главниот град на Оман.

ОБЕДИНЕТИ АРАПСКИ ЕМИРАТИ

Осум луѓе загинале во ирански напади, вклучувајќи двајца војници, според соопштение на Министерството за одбрана.

САУДИСКА АРАБИЈА

Две лица загинале откако проектил погодил станбена зона во градот Ал-Харџ, југоисточно од главниот град Ријад.

СИРИЈА

Четири лица загинале откако ирански проектил погодил станбена зграда во јужниот град Сувајда, според државната новинска агенција САНА.

ФРАНЦИЈА

Француски војник загинал, а шестмина се ранети во напад со дрон врз курдска воена база во регионот Ербил во Ирак, соопштија француските власти.

САД

Вкупно загинале 13 припадници на војската, според нејзините податоци, и тоа – седум во борба за време на операциите против Иран и шест, сите членови на екипаж, кога американски воен авион за снабдување со гориво во лет KC-135 се урнал во западниот дел на Ирак. ј

Back to top button
Close