Илија Ацески за ДВ: Монструми не се создаваат преку ноќ
По свирепото убиство на Вања Ѓорчевска, социологот Илија Ацески коренот на проблемите го гледа во нефункционалните институции, неказнивоста која што има длабоки корени и во корупцијата која што го разјадува општеството.
„Ние сме само набљудувачи на сите случувања во светот и во регионот, но кога ќе се случи во нашето маало, тогаш го вклучуваме алармот. Таков е случајот и со исчезнувањето на малата Вања, која што по шест дена потрага беше пронајдена убиена во околината на Скопје“, вели социологот Илија Ацески за ДВ.
Анализирајќи го случајот кој внесе немир, страв, паника кај општеството кое тагува по прерано изгубениот живот на 14-годишното девојче, социологот со долгогодишно искуство, коренот на проблемите го гледа во нефункционалните институции, неказнивоста која што има длабоки корени и во корупцијата која што го разјадува општеството.
„Кога ќе се најде начин да се стави крај на овие проблеми, кога некој ќе одговара за кривичното дело коешто го направил, тогаш можеби и ќе можат да се превенираат ваквите случувања и да се избегнат во иднина“, вели Ацески.
Затаиле ли институциите?
Како досега не бил забележан ниту еден сигнал дека вакво нешто може да се случи, зошто институциите затаиле и не го исекле во корен „мозокот“ на страшното сценарио коешто имаше трагичен епилог?
„Ако се навратиме наназад, пред 30-тина години кога почнавме да градиме нов систем на вредности, државата и институциите во најголем ден се оставија настрана – тие станаа нефункционални, партизирани до максимум. Тоа се институции коишто не одговорија на нивната функција. Ние живееме парализирано и беспомошно. Државата не е решена да ги реши проблемите. Кога некој проблем ќе се појави – ние се блокираме. Оној што треба да го реши – стои како нем набљудувач, а во заднината на сето тоа се случува вистинската трасформација – каде царуваат коруптивни материјални интереси, се заведува и се замајува народот со афери“, вели Ацески.
Земјата и граѓаните постојано се во страв и незвесност.
„Македонија направи еден систем на замаглување на онаа реална сфера на животот каде се случуваат малверзации и незаконски дејствија на штета на државата, буџетот и граѓаните. Се формираше коруптивен систем кој е влезен во порите на секојдневното живеење. Нема сила што може да изврши некаква радикална промена, ако не постои реална волја за такво нешто“, вели Ацески. Според него,„монструми“ не се создаваат преку ноќ.
Од еден до друг шокантен настан
„Неверојатно е ова што ни се случува. Живееме од еден до друг шокантен настан. Медиумите целиот простор и внимание го насочуваат кон една иста вест, која по милион пати се повторува, се додека некоја пошокантна вест не им го украде вниманието. Социјалните мрежи сето тоа го дуплираат и не доведуваат во ситуација на страв, несигурност, незаинтересираност, разочарување, повлекување во себе“, анализира професорот.
Смртта на малата Вања го шокираше општеството и го зави во тага. Но, на површина исплива и многу револт, агресија, повици за линч, барање за смртни казни, па и повици за протести на улиците.
„Против кого да протестираме? Против себе?“, прашува Ацески, откако бројни граѓани и соученици се збогуваат од малата Вања деновиве во дворот на нејзиното училиште „Песталоци“, испраќајки порака „Вања прости ни, што не успеаме да те заштитиме“.
Најстрашно, според нашиот соговорник, е што ние сме само неми набљудувачи на она што се случува околу нас, немаме желба за активно да учествуваме и да ги промениме овие состојби. „Сега е веќе доцна – детскиот живот не може да се врати. Место да излеземе од ситуацијата во која што сме заглавени, ние одиме во друга деструктивност – во хајки и линчови. Секаде се бара одговор, само не таму каде што вистински треба да се лоцира излезот од ситуацијата“, вели Ацески (dw)