Џилијан Андерсон раскажува зошто собира сексуални фантазии

Имав едвај пет години кога, во 1973 година, култниот хит на Ненси Фрајдеј „Мојата тајна градина: женски сексуални фантазии“ стигна на полиците и во чантите на жените во САД; а седум кога стигна до оние во средна Англија.

“Мојата тајна градина” беше доказ дека жените уживаа во богат и разновиден е внатрешен еротски живот, исто како и мажите. Конечно, еве една книга во која обичните жени и девојки – „ти, јас и нашата сосетка“ – искрено зборувавме за возбудата, мастурбација, сексуални соништа и желби. Во умовите ништо не е забрането.

Она што книгата на Фрајдеј го откри е дека за некои од нас, сексот што го имаме во главата може да биде постимулативен од реалниот, без разлика колку и вториот добар. Неоптеретени од интернализираните општествени ограничувања, самосвеста или можеби стравот од откачување на нашиот партнер, во нашата имагинација можеме да се препуштиме на нашите најдлабоки, највалкани желби. Оценето револуционерно, дури и провокативно, на почетокот потоа стана задолжително четиво за сите, глобален бестселер во мултимилионски примероци, класик.

Не знам дали мојата мајка, Роузмери, компјутерска аналитичарка, ја поседуваше книгата. Нашиот дом не беше пуританско домаќинство во кое таква книга ќе намуртеше некого – но колку и да бевме либерални, веројатно немаше да биде спонтано заборавено среде дневната. Кога бев тинејџерка, еднаш најдов копија од „Приказна за О“ сместена зад перничето од софата во куќата на нашите соседи и дефинитивно ја погледнав. Се сеќавам и кога, како многу помладо дете, залутав во дневната соба каде што некој го оставил телевизорот вклучен и стоев парализирана од фасцинација додека парот на екранот се занимаваше со прилично воздржани, но очигледно ласцивни активности. До ден денес се сеќавам на чувствата што ми ги остави. Но, несомнено, ако и несвесно, како млада жена имав корист од зачетоците на секс-позитивното феминистичко движење. Жените, навидум, почнаа да зборуваат поотворено и искрено за она што навистина, навистина го сакаат. Па, барем некои.

Всушност, дури 50 години подоцна ја открив оваа колекција на анонимни женски фантазии. На почетокот на 2018 година, кога во Sex education ja добив улогата на Џин Милбурн, чудесно ослободената и искрена секс терапевтка. Отсекогаш слушав кога луѓето зборуваа за „My Secret Garden“, и затоа ја прочитав како подготовка. Нејзината нецензурирана и болна искреност ме потресе. Овие писма и интервјуа беа неверојатно интимни и многу директни. Не беа нужно премногу уредувани или во обид да бидат литерарни; се чинеше дека доаѓаат директно од мистериозното срце на најдлабокиот копнеж на жената.

Она што исто така ме погоди и ме растажи, беше силната нота на сексуална фрустрација што ја изразуваа многу од овие жени во 70-тите (и покрај револуцијата!). Она што жените го посакуваа не беше нужно и она што го добиваа. Многу никогаш не доживеале оргазам. Некои не знаеја што е сексуална фантазија; други не можеа да признаат дека ги имаат. За повеќето тоа беше израз на длабок срам и вина; сè уште имаше многу срам околу сексот и она за што фантазираа. Повторно и повторно, овие жени го споделуваа стравот дека само тие имаат такви фантазии и, потоа, и олеснувањето што конечно можеа да ги изразат.

Како што напиша една жена: „Никогаш не сум ги доверила моите сексуални фантазии на жива душа, но чувствувам дека морам некому да кажам

за нив, и затоа ја поздравувам можноста да си олеснам. Отсекогаш сум се срамела од нив, бидејќи чувствувам дека другите луѓе би ги сметале за неприродни, или би ме нарекле нимфоманка или нешто слично“. А друга се пошегува: „Навистина мислам дека вашата книга е добра идеја, бидејќи за нефиктивните женски сексуални фантазии и искуства ретко отворено се дискутира. Во делата на фикција се обично ппишани од мажи“.

Конечно, жените најдоа простор да се отворат се чувствуваат помалку осамени.

 

Денес, фала му на Бога, живееме во поинаков свет. Можеме да разговараме за овие работи со нашите современици. Мислам дека токму тоа е една од работите што луѓето ги сметаат за толку шармантни во Sex education. Прикажуваме ликови кои се збунети и несигурни во своите сексуални односи, а сепак доволно храбри да разговараат за тоа со своите љубовници и партнери, за да можат да го добијат она по кое копнеат. Серијата го става сето тоа на маса и покажува дека да се зборува за тоа е ок.

 

Но сепак, иако сериите како Sex education и други, како што се Naked Attraction и Planet Sex на Кара Делевин, се на телевизија, љубопитна сум да откријам дали луѓето се чувствуваат удобно да го прават тоа во реалниот живот.

 

Откако се емитуваше Sex Education, пријателите и новинарите почнаа да ме прашуваат дали жените понекогаш се чувствуваат принудени да ги споделат со мене со своите сексуални проблеми и фантазии. Па, секако дека не. Што на крајот ми ја даде идејата за книга – да ја наречеме Secret Garden за 21-от век – која би била ослободувачка и длабока, и инклузивна.

 

Сакам жените ширум светот, и сите вие ​​кои суштински се идентификувате како жени – квир, хетеросексуални и бисексуалци, небинарни, трансродови, полиаморни – сите вие, стари и млади, без разлика на вашата религија, мажени, слободни или др. да ми пишете и да ми кажете на што мислите кога мислите на секс.

Без разлика дали во вашите фантазии сте сами, со партнер/ка, или со повеќе од еден. Раскажете ми. Фантазии, фрустрации, истражувања, забрането, детство, звуци, фетиши, вина, ненаситност. Педесет години подоцна: bdsm, современото толкување на родот, итн. сè е ок. Дали жените се уште се потивкиот пол? Претпоставувам дека тоа е една од работите што ќе ги откриеме. Се надевам дека гласовите од различни националности и потекло ќе фрлат светлина на тоа колку далеку сме стигнале од 1973 година.

Како што Фрајдеј напиша во својот оригинален вовед, „Во обидот да разбереме што значи да се биде жена, ниту националноста ниту класата не помагаат да нè дефинираат толку многу колку искреноста за нашите чувства за нас самите и нашите желби“. Ајде да создадеме текст кој ја дефинира ерата и кој погодува директно во срцето на она што значи да се биде жена денес. Книга која се надеваме дека ќе ги инспирира жените за генерациите што доаѓаат.

ЏИЛИЈАН АНДЕРСОН

Извор: Гардијан
Превод: Лени Фрчкоска

 

 

 

 

Back to top button
Close