Илиевска на седницата на која се разрешени одборите на 5 јавни претпријатија: Со службени коли се пренесувал мебел!

На седница вчера на Советот на Општина Битола беа разрешени Управните и Надзорните одбори на пет јавни претпријатија кои завршија со загуби од 150 милиони денари во 2024 година, пишува СДК.МК.

Предлогот за разрешување бил даден од Петар Николовски од СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа „против“, додека останатите советници беа „за“. Разрешени беа раководните тела во „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“, „Пазари“ и „Паркинзи“.

Претседателката на Советот, Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива Поинаку, спомена дека со службени возила на „Водовод“ се превезувал мебел по работно време, покажувајќи фотографии.

„Не знам дали е во време на сегашниот или на друг славен директор. Да ме поштедите од одговор дека се службени работи, зашто сликано е вон работно време“, рече Илиевска.

По ова Бојан Бојкоски, координаторот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ предложи да се испита дали е точно и да се санкционира виновниот.

Градоначалникот Тони Коњановски, пак, истакна дека градот е во инфраструктурен раст, додека Илиевска го обвини за пропаѓање на „Нискоградба“ и намалување на работата на јавните претпријатија. Коњановски се бранеше со податоци, посочувајќи намалување на трошоците и зголемување на обемот на работа.

Илиевска му забележа дека поставува прашања како обвинител, а Наумовска од СДСМ го обвинила за постојани критики без да се преиспитаат сопствените дејства.

Извор: СДК.МК

Back to top button
Close