Илиоски: Преку музиката сакам да го запознаам светот со нашата држава

– Антонио Илиоски уште од шест годишна возраст покажал љубов кон музиката и одлучил да се посвети на  музичка кариера. Со виолончелото се запознал кога се запишал  во Музичко – балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, а неодамна со него го освои и првото место на Светскиот музички онлајн натпревар  Persatuan Chopin Malaysia во категоријата „Junior School“.  Chopyn Malaysia Society во соработка со Универзитетот Санвеј од Малезија го организираа онлајн натпреварот  на кој што учествуваа 560 натпреварувачи од 38  држави, од пет континенти. Во интервју за МИА  Илиоски ги сподели своите импресии од учеството на Светскиот музички натпревар и раскажа за своите идни музички планови.

Од каде се информираше за натпреварот и како се пријави?

-Сосема случајно видов на Фејсбук дека мојата професорка Даница Стојанова од Музичко – балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ е дел од жирито на натпреварот. Се консултирав со професорката и таа ме советуваше да се пријавам. За учество на натпреварот беше потребно да испратам видео од мојот перформанс со виолончело. Имав трема бидејќи не сум навикнат на празна сала или настап без публика. Дојдов до заклучок дека јас сум човек што сака да настапува во полна сала, пред многу публика, а чувството да настапуваш во просторија каде што си сам едноставно не е убаво за мене.

Кои се твоите импресии од учеството и постигнатиот успех на натпреварот?

-Вложив многу труд и напор во мојот настап и потсвесно знаев дека тој труд ќе се исплати и дека ќе имам висок пласман на натпреварот. Кога станува збор за музиката навистина работам многу напорно, имам визија и знам како да ја исполнам, а кога размислуваш позитивно и веруваш во себе тоа на крај резултира со успех.

Како се појави желбата да се занимаваш со музика?

-Од рана возраст се занимавав со многу спортови, играв кошарка, фудбал, посетував часови по пливање и многу други спортови, но кога на телевизија видов еден музичар како настапува пред многу публика и сите му ракоплескаа и тогаш знаев дека музиката е професија со која што сакам да се занимавам и дека ме исполнува чувството на настап пред голем број луѓе. На шест години се запишав во Музичко – балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, една година имав часови по солфеш, а благодарение на мојот професор се зголеми и желбата за музика.

Освен тоа, во слободно време свирам и на клавир, а професионално се одлучив да свирам на виолончело по препорака на професор, бидејќи не е инструмент на кој често се свири кај нас.

Кои се твоите планови за во иднина? 

Во однос на идните планови на музичкото поле, Антонио точно знам кон што да го насочам своето знаење и труд за да ја постигнам целта. Имам желба преку музиката да го запознаам светот со нашата држава и по тоа да биде препознатлива. Верувам дека вистинското богатство лежи во културата и нашата земја треба да биде препознатлива по убави работи.

Антонио Илиоски е роден во 2003 година во Скопје. На осум годишна возраст започнал да свири на виолончело во Музичко – балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, каде го продолжил и средното образование во музичкото училиште. Од 2013 до 2020 година учествувал на 43 натпревари, на меѓународни, како и на државни и регионални натревари во Северна Македонија, Бугарија, Малезија, САД и Србија. На натпреварите учествувал како солист, но на дел од нив и во дует со пијано. На 30 меѓународни натпревари има освоено прво и второ место, а на Интернационалниот јуниорски натпревар  „Антонио Јангиро“ во Хрватска, Антонио го освои четвртото место во неговата категорија. Во моментов тој е водечки виолончелист на оркестарот при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.

Илиоски учествувал на фестивалот  „Музиката – мост помеѓу луѓето“ во Форли, Италија 2019 година. Настапувал и на два концерти во Италија. Со жичен квартет настапувал на концертот на Арда Мустафаоглу– Мардам и на концерт на „Jeunesses Musicales Macedonia“ со квартетот „Сила“.  Во 2019 година Антонио го одржа својот солистички концерт во Музеј на македонската борба.

Кристина Ивановска

Back to top button
Close