Илир Мета е мета на обвинувања дека бил соработник на албанската тајна служба во времето на комунизмот


Колку И.М. имало на Економскиот факултет, во класот каде што бев јас?, праша во реакцијата Мета и ја нападна Управата за фалсификување документи бидејќи, како што тврди, веќе ги поминал сите проверки и неговото минато било чисто

Два дена откако поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, го заврши 5-годишниот претседателски мандат и се врати во партијата што самиот ја основаше – Социјалистичкото движење за интеграција, која по враќање на Мета беше преименувана во Партија на слободата, е мета на обвинувања дека бил соработник на тајната служба во времето на комунизмот.

Ова следува откако Управата за информации за досиејата на поранешната државна безбедност во Албанија испратила допис до парламентот дека висок политичар со иницијали И.М. своевремено бил соработник, за што медиумите објавија дека станува збор за доскорешниот претседател на државата. Според документот на оваа институција, од албанскиот парламент се бара да се направат законски измени кои потоа ќе овозможат реверификација на личности и преземање понатамошни дејствија.

Претседателката на албанското собрание, Линдита Никола, случајот го оцени како шокантен, попладнево одржа средба со координаторите на пратеничките групи и рече дека е спремна да свика седница кога политичките партии ќе побараат. Таа не го кажа името на Илир Мета, но потврди дека официјално парламентот бил информиран дека политичарот од висок профил, со иницијали И.М., бил соработник на поранешната тајна служба.

„Управата за информации за досиејата на поранешната државна безбедност ја информираше јавноста за случајот со политичар од висок профил, со иницијали И.М., кој бил вклучен во дејноста на поранешните безбедносни служби. Управата, исто така, бара од Собранието итна интервенција за решавање на правната пречка што не ѝ дозволува да ги преземе потребните дејствија за случајот. Случајот е шокантен и парламентот дефинитивно мора да реагира“,
рече Никола.
Од друга страна, пак, Мета на прес-конференција негираше дека соработувал со поранешната тајна служба и ја обвини Управата и претседателката на Собранието дека се ставиле на услуга на премиерот Еди Рама.

Кој ја спречуваше Управата за дури денес да излезе во јавност со тоа? Колку И.М. имало на Економскиот факултет, во класот каде што бев јас? Тие многу добро знаат кој бил соработник на државна безбедност. Во тоа време јас бев единствено секретар на младите на Економскиот факултет. Јас знам околу 40-50 лица со име Илир Мета“,

рече доскорешниот претседател на Албанија.
Тој жестоко ја нападна Управата обвинувајќи ја за фалсификување документи, бидејќи според него, од 1992 година, тој ги поминал сите проверки и неговото минато било чисто.

Засега, како што додаде Мета, тој лично не добил никаков документ од надлежната служба за досиејата, ниту од претседателката на Собранието.

Back to top button
Close