Иловица – рудник за живот
Кога ќе споменеме Норвешка веднаш асоцира на држава со сите нишани, како што се и повеќето скандинавски земји кои одамна и многу посветено се грижат за еколошките стандарди. Но, Норвешка во текот на својот развој се соочувала со разни предизвици. Пред индустриски да се освестат и да почнат да ги плодоуживаат нивните рудни богатства, Норвешка генерално ја базирала својата економија на риболов и земјоделство, за да можат да живеат во некои нормални услови. Но тоа не било живот туку преживување на нацијата. Кога, на почетокот на 20-тиот век донеле одлука дека ќе тргнат во индустријализација прва работа што ја направиле е насочување на нивниот капацитет на слатки води во производство на енергија и изградиле 11 (единаесет) хидроелектрични централи за да обезбедат доволно количини индустриска струја за топилниците и за тешките металургиски објекти да произведуваат метал со кој ќе станат едни од првите во Европа по квалитет и пред сѐ, по извоз на одделни металични суровини. Тоа можеле да го направат само преку своите рудни богатства.
Најголемиот подем го доживуваат со нафтените полиња кои ги имаат откриено во морињата и тогаш не потпаѓаат на негативната пропаганда за потенцијалот за оштетување на рибниот фонд, особено харингите, кои ги хранеле нив како нација со векови. Затоа што верувале дека постои модерна технологија која ќе им овозможи ем нафта ем риби. Затоа, во 2014 година прогласија дека секој државјанин на Норвешка е милионер (норвешки круни) и дека нивното богатство доаѓа од нафта.
Мојата држава Македонија во овој момент има докажани 25 милијарди евра металична скапоцена руда: злато, бакар и сребро. Со дополнителна екстрактивно хидро или пиро металургиска постапка, потоа со преработувачка металуршка, машинска и електротехничка индустрија Македонија може да направи фантастичен економски развој по глава на жител за кој ќе ни завидуваат многу развиени држави. По примерот на Норвешка.
За жал, нашата преубава Македонија и политичките елити во неа, станаа заложници на сомнителни еко активисти кои немаат никаква ниту економска ниту пак технолошка образовна интелектуалност, но затоа имаат доволно (лукративни) мотиви да ја држат земјата во статус кво положба. Во оваа колумна ќе се воздржам да коментирам за нивните идеолошки определби кои во последно време не ги ни кријат.
Овие личности се најбројни во југоисточниот крај, Струмица, Валандово, Гевгелија, Богданци, Дојран итн. После долгогодишни научни истражувања овој прекрасен крај, кој во блиското минато е познат по земјоделието, но во далечното минато несомнено бил познат и по рударство, може да стане мотор не целиот економски развој на Македонија. Во овој регион има неколку рудници со злато (шест се на број) со истражена и докажана количина во првите 15 години од 180 тони само злато. Денес еден грам злато чини 70 евра. Ако помножите со 1.000 грама од килограм, па со 1.000 килограми од тон и на тоа додадете 180 се добива следнава сума која е реалност. Рудно богатство на Македонија во вредност од 12 милијарди и 600 милиони евра за 15 години. Односно 840 милиони евра по година, само од златото. Да зборуваме за богатството од бакарот? За комплетниот организиран грабеж на златото од Македонија во организација на личности од парламентот и владата особено во периодот 2017 година во следната колумна.
Која е мантрата со која сомнителните еко активисти имаат за цел да ги исплашат граѓаните:
– Рудникот ќе ве загадува;
– Рудникот ќе го уништи земјоделието, кое ја храни Македонија;
– Наместо 840 милиони евра од рударска индустрија подобро е кредитно да се задолжуваме;
– Рудникот ќе ви ги избрка децата во странство итн;
Прв извесен рударски, економски потенција во овој крај има Иловица. Неговите стопанственици се едни од најголемите светски играчи на скапоцени металични руди. Упорноста на овие луѓе е восхитувачка. Посебно во делот за инвестиции. Ѝ велат на Македонија: Ние сме спремни да вложиме 430 милиони евра за една година во овој крај и да го развиеме економски во сите сфери.
Ексклузивна информација е дека пред 3 години се случи состанок помеѓу претставници од Технолошкометалуршкиот Факултет, отсек Екстрактивна металургија и канцеларијата на рудникот Иловица. Заедно заклучија дека мора да се исфрли од употреба хидројаловиштетото, односно браната од 270 метри полна со вода и да се премине на комплетна сува постапка за добивање на конвентрат од ископот. Некаде непосредно пред 2024 година сопствениците на рудникот Иловица ја потврдија технологијата на сува постапка и со тоа ја скратија можноста за манипулациите дека ќе се загадува Струмичката котлина.
Ќе дадам само еден економски пример, за можноста за заработка од придружните дејности доколку се изгради рудникот Иловица. Некој мора да ги храни вработените, нели? Тој некој мора да е од Струмичко. Тој некој мора првенствено да ја откупи целата храна која ја произведуваат следниве три села: Иловица, Штука и Зубово: станува збор за земјоделски, сточни, живинарски и млечни производи. За да можеме да се разбереме тоа се 800 оброци дневно. Имагинацијата во финансии и тоа на претпоставена заработка од 40 денари по оброк, ја оставам на други.
Инаку вкупниот број жители кои би гравитирале околу оваа огромна инвестиција е минимум 3.000 со натпросечни плати кои ќе се рефлектираат кон целото општество и нормално во струмичкиот крај.
Навистина е жално во иднина да ги споменувам следниве целосно нестручни и без основа тврдења на сомнителните еко активисти:
– Ќе се ослободел арсен од карпите;
– Ќе имало 5 (пет) сантиметри прашина по целата котлина;
– Ќе имало сулфур диоксид во воздухот.
Напомена 1: Рудникот Иловица сѐ уште не профункционирал ама Струмица веќе беше најзагаден град во Македонија.
Напомена 2: Рудникот Иловица е во атарот на Општината Ново Село, каде 45% од населението е отселено.
Напомена 3: Рудникот Иловица не е изграден, а само во март Хрватска од нивната граница врати 4 (четири) пратки контаминиран зеленчук со пестициди од Македонија.
Македонија 3 децении грчевито се бори да стане полноправна членка на ЕУ како стратешки колосек кој за мене е апсолутно прифатлив и оправдан. Не само затоа што овозможува пристап до ЕУ фондовите, туку затоа што гарантира и внатрешни општествени реформи. Сакам да верувам дека клучните политички фактори во мојата татковина можат да препознаат дека во рударската индустрија лежи нашиот најважен ресурс за долгорочен и стабилен економски развој. Македонија не смее и понатаму да остане заложник на една група манипуланти кои ширејќи лажен страв за здравјето на луѓето и животната средина одработуваат за антизападни центри на моќ.
Читајте брзо ама внимателно.
Виктор Грозданов