Има избор и има време

Не паничете, организирајте се

Кога имате покана во која стои дека текстот треба да биде „рефлексија и простор за сонување, пронаоѓање точка на отпор кој возбудува и џагор кој придвижува“, а вие сте се навикнале на академски израз и закрилата на цитатите (поддршката на наводно далечниот, а некогаш многу [по]ближен свој), се чувствувате малку сами. Се наоѓате во грч пред предизвикот во сопствената моментална емотивна конфузија да пронајдете некаква каузалност и логика, а сето тоа да го артикулирате да биде јасно, но не и пресентиментално. И никако патетично.

Притоа, свесна сум дека искуствата на слобода, сонување и отпор, иако политички и социјално условени, во самата своја идеја, нужно имаат една линија на неповторлива и уникатна автентичност.

 

Така, во обидот да направам комбинација на рефлексија и отпор што возбудува, убедена дека и покрај неповторливата автентичност сепак голем дел од личното е и политичко (thanks Hanisch, 1970), чувството на осаменост што го почувствував се трансформира во конструктивна осаменост. Решив во извесни често повторувани, односно неминовни, точки на растењето и бидувањето девојка/жена, да проектирам имагинарна туѓа приказна. А, во контекст на феминистичка утопија која ја замислувам, текстот решив да им го посветам на сестра ми (11) и на внуките (7 и 3).

Драги вие трите,

Секако не знаете, но проектот за реформа на листите на лектири пропадна, а со нив и обидот да се влијае на децениската недозволива родова небалансираност. Па така, мене почна да ме јаде една бавна и тешка безнадежност дека веројатно и најмалата од вас за неколку години ќе чита задолжителна литература во која нема ниту една женска приказна. И дополнително, ќе ви биде исклучително здодевно. Многу ми е жал. Од тие причини, изборот на сликовници, книги и филмови кои низ годиниве ви ги трупам по родендени и на кои ми превртувате очи, во еден момент може да ви се најде исклучително корисен. Use it well.

На сите состаноци во тоа тело за реформи (во кое дел од луѓето беа исклучително свесни за сериозноста на работата на која се нафативме) на памет ве имав трите и низ таа перспектива гледав и на стотиците ваши врсници, го гледав талентот и потенцијалот кој го манифестирате кога размислувате (и така страсно ги браните своите позиции) и бев исклучително уплашена дека образовниот систем ќе ги приклешти, а рамката во која ќе ги стави ќе биде суптилно насилна и несуптилно штетна. Жал ми е за децата кои се сведени само на тие текстови. Ама вие имате сè што ви треба, и повторно, use it well. Правете копии и позајмувајте. Споделувањето е важно. Приказните се живи кога се споделуваат, а книгите кога се подвлекувани, извиткани, со свртено кафе на задната корица и слично.

Веројатно, ако воопшто ова го прочитате, сакам да знаете дека ми е жал за сите идни фамилијарни ручеци во проширен состав кога некој подалечен роднина што го гледате еднаш во три години, откако ќе истакне дека „ние сме фамилија и треба да се држиме“, во наредниот половина час, со своите конзервативни коментари истурени пред вашата воздржаност и воспитаност, меѓу луѓе од кои дел во секој момент би умреле за вас ако затреба, ручекот ќе ви го претвора во прилично осамено место.

Не паничете, организирајте се.

Слободно кажете им дека вашите животни избори не постојат за да ја потврдат правилноста на нивните животни одлуки и да им потврдат дека, ете, и младите би направиле исто.

Тука има неколку контрааргументи кои треба да ги имате во џеб: концептот за биолошки часовник е по првпат споменат во доцните седумдесетти години од Ричард Коен, во обид да ги советува жените кои се посветени на својата кариера дека „времето им истекува“ и им следува децениско каење. Секако, воопшто не помислил да ги праша што сакаат да прават со своите животи, туку им ги претпоставил желбите и потребите и бил убеден дека е во право. Нешто како собирот на кој сте седнати. Неговиот став е одамна делегитимиран како исклучитечно конзервативен и погрешен. Секако, помнете го името Ричард Коен. На тие ручеци вокабуларот и референците се толку несоодветни што имаат чудна моќ да го замолчат упорниот соговорник, а вашето образование е каменот со кој малиот Давид го поразил Холофернот на „вековната традиција“.

Втор контрааргумент: „Мајчинскиот инстинкт е мит“, односно стереотип поставен од австрискиот антрополог Конрад Лоренц заснован на истражување на однесувањето на гуските.

Сè ова секако (ќе) го имате во книгите на кои им превртувате очи. Бидејќи сето ова неминовно во некоја форма ќе ви се случи. Повторно бидејќи личното е политичко, а традицијата секогаш наоѓа некаква пукнатина да се провлече (Кери Бредшо). Ама вие имате спремни одговори, во книгите за кои превртувате очи.

Соговорниците на вашите аргументи патронизирачки ќе се смешкаат за некако да ви укажат дека однапред ги предвиделе вашите одговори кои се наводно „израз на вашата возраст и бла бла бла“, но тоа што се повозрасни не значи дека се попаметни, ниту дека нивните (наводни) искуства направиле од нив помудри луѓе. За тоа треба друг тип на емотивност и ранливост. А на такви луѓе нема да налетувате често.

Sorry loves.

Притоа, ако сте кршливи и ви е срам да признаете и пред самите себеси дека успеале да ве вознемират или да ве замислат, немате друг избор освен сопствената моќ да ја пронајдете во својата мекост и ранливост. Таму е вашата пукнатина (Лакан), процепот низ кој можете да погледнете и потоа изградите доволно поинаков свет. Како и да е, не дозволувајте во вашата глава да се создаде „универзум – констелација од нештата кои сте ги оставиле неизречени“ (Л. Акуилина) или прилично доцна да утврдите дека „некаде помеѓу срцето и грлото се распространиле гробиштата на сè што останало некажано“ (не е моја референца, откријте чија е ако ви затреба).

Зошто, конечно, гњавам со нешто толку банално како, на пример, ручек за помен? Бидејќи малите микроуниверзуми се секогаш продолжени пипци на големата слика, на моќта која е продуктивна и создава идентитети (Фуко) или на Симболниот поредок (Лакан), кој го прави истото. Бидејќи тие мали процепи низ кои влегуваат доминантните идеи на еден чуден начин ќе се обидат да ве одредат. Во еден дел и ќе им успее. Sorry loves.

Но, ако имате суштина која ќе им се бунтува, ќе ви ја цедат издржливоста на долги траси и конечно, постои ризик прилично да ве уморат. Бидејќи, како што пишува Сандра Ли Бартки, „Оние што тврдат дека секоја жена може да ја репрограмира нејзината свест, ако е доволно детерминирана, имаат плитка перспектива за природата на патријархалното угнетување. (…) Едно од злата на системот на угнетување е тоа што може да им наштети на луѓето на начин што не може секогаш да се врати назад. Патријархатот ги напаѓа интимните пукнатини на личноста каде што може да се вовлече и да го осакати духот засекогаш.“

Сепак, за среќа, срцето постои за да биде скршено (Оскар Вајлд); секој систем е со лузна и само така влегува светлината (Коен Л.); секој поредок има пукнатина која го носи потенцијалот за создавање (малку) поинаков систем.

И покрај тоа, постепено повнатрешнувајќи ги „најдобрите намери“ и кажаното „со најголема љубов“, можете во еден момент да заглавите со какофонија, вресоци во главата, контрадикторни ставови кои си ’ржат еден на друг и да се чувствувате како свој најголем непријател, потполно пасивизирани за конкретна иницијативност.

Односно, пластично кажано, да не знаете што сакате со својот живот, секоја опција да ве плаши, а прашањето да го отфрлате како банално, во обид проблемот да го потиснете. И со секоја помисла ќе се појавува идејата за убавината и спокојот на патот кој можеби нема да го изберете. Moжеби ќе се фрлите во невротична псевдоактивност и лажно учествување (С. Жижек) за да го замолчите сомнежот. Sorry loves, ама препаметни сте за тоа да ви функционира долгорочно.

Можеби ќе ве стигне грозниот парализирачки страв од времето што доаѓа и каењето кое можеби го носи. Стравот дека нема време. Дека со секој ден истекува можноста за некоја имагинарна среќа и реализација која ви лизга низ прстите. Може да се сетите дека кога сте го гледале „Покајание“ некој некому напиша „Се плашам, не знам од што. Се плашам од времето“, и тоа да ви се причини блиско.

И што тогаш?

Не знам.

Кога Нил Гејмен пишува за кралицата со најцрната коса, пишува дека морала „да научи да биде силна, да ги чувствува своите емоции, а не туѓите и тоа беше тежок наук, но кога еднаш ќе сфатите во што е фората, никогаш веќе нема да заборавите“.

Јас сè уште не знам во што е фората. И веројатно тоа е чекорот кој морам да го направам за да не ги мешам туѓите емоции со своите. Точката на возбудлив отпор е криза од која има излез. Која ве крши, ве деконструира на парампарче, за подоцна да си ги соберете парчињата и со нив да создадете нешто подобро. Како јапонска кинтсуги вазна.

Во тие моменти правете нешто фино. Додека културата ви вели да побрзате бидејќи некаков имагинарен часовник отчукува, а уметноста да успорите, вие „слушајте ја уметноста“ (Диаз Ж). Ако револтот кон светот се трансформира во фрустрација пред својата пасивност, тогаш „не верувајте ѝ на секоја мисла која ви се појавува во главата“ (Дута П.)

Ви ја посакувам храброста на Викинзите кога верувале дека пловат кон крајот на светот (М. Абрамовиќ).

Секогаш има избор. И има време.

 

Лени Фрчкоска

Извор: МЕДУЗА

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close