Има конфликт на интереси – една од парцелите на кои ќе се гради „Лидл“ во Куманово е на кумот на градоначалникот Димитриевски, обвини опозицијата
Советот на Општина Куманово со 20 гласа „за“ и 10 „против“ ja усвои нацрт – измената и дополна на Деталниот урбанистички план (ДУП) каде што треба да се гради маркет на „Лидл“, објави „kumanovonews.mk“.
Станува збор за парцела на влезот на Куманово со површина од 42.000 метри квадратни на местото на поранешен ЧИК „Куманово“.
Иницијатори на измените во ДУП се фирмата „Реџина“ и Драган Митевски, кој е кум на градоначалникот Максим Димитриевски, а финансиер е „Лидл Македонија“.
По неколкучасовната расправа, за Предлог – Одлука за утврдување на Нацрт – Измена и дополна на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Тоде Мендол“, дел од УБ 63, плански опфат помеѓу ул. „1“, ул. „ЈНА“, ул. „2“, КП 16793, ул. „3“, КП 16369/2 – Општина Куманово, покрај советниците на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и нивните партнери од албанскиот блок, гласаше и ДУИ која е опозиција во Советот, додека против беа само СДСМ и Левица.
Опозицијата објави дека една од трите предвидени локации за изградба на маркет од германскиот синџир „Лидл“ се наоѓа на парцела која е во сопственост на близок роднина на градоначалникот, откупена од неговите родители за цена од 250.000 евра, значително повисока од пазарната.
„Од родителите на градоначалникот парцелата е откупена за некаде 250.000 евра, иако пазарната вредност на ова парцела, која по класификација спаѓа во реон 3, најмногу би чинела 60.000 евра. Ова парцела не може да послужи за инвестиција, или урбанизација, туку намената е да биде тампон зона помеѓу автопатот и населеното место. Меѓутоа кумот ја купува за 250.000 евра, и за неполн месец ја препродава со преддоговор на инвеститорот ‘Лидл’ во износ околу 600.000 евра. Само по себе ова е сомнително, коруптивно и треба да се испита“, кажа Александар Јовановски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.
Сомнежи за можна злоупотреба на службената положба и трговија со влијание, особено поради интензивната динамика на измените на ДУП-от и начинот на нивното носење, изнесе и советничката Атина Мургашанска, поради отсуство на транспарентност и потенцијално нарушување на јавниот интерес.
„Вашата лична вмешаност дава простор за сомнеж дека се работи за коруптивен процес, за злоупотреба на службената положба и тргување со влијание. Такво инсистирање да се донесе ДУП-от со прескокнување на процедурата, да се заврши што побрзо, бидејќи не се знае, изборна година сме, може нема да останете на власт“, кажа Мургашанска.
Според Миле Андоновски, целокупната постапка покажува дека промените не се темелат на реална урбанистичка потреба, туку следат однапред утврдена агенда, всушност потврдувајќи ги веќе изнесените факти на претходната седница.
„Во август 2023 година итно се закажа седница за да се регулира прашањето за тендерот за продажба на земјиште во индустриска зона Речица. Се знаеше дека купувачот ќе биде ‘Лидл’, и тоа се реализираше. Само два месеца потоа, направен е договор за купопродажба на парцела што била во сопственост на татко му и братучедот на градоначалникот, со површина од 1.240 м2, со одложено плаќање. Купувач е Драган Митевски за 250.000 евра, 200 евра по метар квадратен. Рок на исплата е 12 месеци, со обврска да се плаќа на месечни рати во сразмерен дел. Месец дена потоа, се прави преддоговор за купопродажба на истиот купувач со ‘Лидл’“, кажа Андоновски.
На седницата беше посочено дека фирмата „Реџина“ која го купи поранешен ЧИК е сопственик само на објектите, додека земјиштето под нив и во дворот се на Република Северна Македонија, а во тек е постапка во Министерството за финансии за негово отуѓување.
Советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП, се интересираше како може фирмата да склучува купопродажен договор за продажба на земјиштето кое не е нејзино, и дали државата ќе ѝ го продаде по цена 500 евра за квадрат колку што е постигната минималната цена при продажбата на земјиштето на другата парцела. Зошто земјиштето не го продава државата по пазарната цена, туку го отуѓува за да го продаде приватникот? Му беше одговорено дека тоа го дозволува законот, а не Општината.
Во своја одбрана, градоначалникот Димитриевски истакна дека постапил согласно законот и дека измените на ДУП-от се делумно резултат на процесите на денационализација кои траат повеќе од една деценија. Тој укажа дека и други семејства, не само неговото, се засегнати во враќањето на сопственоста, и подвлече дека во 2010 година како советник гласал против првичната верзија на планот, бидејќи не сакал земјиштето да се продава на странски инвеститор, затоа што се работи за негова дедовина која им била неправдно одземена.
„Кои се мотивите на инвеститорите да го купат тоа земјиште треба да ги прашате нив. Не се работи за земјиште само на моите родители туку за членови на моето потесно и пошироко семејство, кои се наследници на 1.200 м2, од парцелата која што е 4 хектари. Јас вашата одлука како Совет ќе ја почитувам, ама никогаш нема да нарушам право на некого што му го овозможува законот да влезе во постапка за просторно и урбанистичко планирање на било која сопственост која ја поседува“, кажа Димитриевски.
Тој ја обвини опозицијата дека ја бојкотира најголемата инвестиција во последните 5 децении која ќе донесе нови вработувања, и кажа успеал да го заживее градот кој претходната власт го уништила.
Советниците од малцинството, пак, повторија дека не се против влегување на странски инвеститор во градот, особено на реномирана компанија како што е „Лидл“, но бараа да се почитува јавниот интерес и да се заштити државниот имот. За нив дополнителен проблем претставува сообраќајната инфраструктура околу планираниот објект.
„Лидл“ е значајна инвестиција за Куманово, но не е стратешка, измената е за трговски простор. Според она што јас го имам како искуство „Лидл“ секогаш бега од урбанизирана средина и онаму каде што ќе биде проблем за нормално одвивање на сообраќајот. Ова сообраќајница е правена во 50- тите години, тогаш имало мал обем на сообраќај и во основа бил пешачки. Замислете сега ако се направи трговски објект во стил на „Лидл“, што ќе се случи со сообраќајот“, истакна советникот Андоновски.
Тој предложи, објектот на касарната „Карпош“- се работи за државно земјиште кое може да се даде под долгорочен закуп, запуштениот, неуреден простор да се уреди, „Лидл“ да инвестира помалку пари, блиску до автопат, со решено сообраќајно решение, клучка и надвозник, за да може да се движи во било која насока на автопатот.
Ивана Ѓорѓиевска, пак, го бранеше донесувањето на ДУП-от со аргумент дека проектот ќе донесе економски развој и нови вработувања за Кумановци, посочувајќи дека индустрискиот комплекс е во згаснување, а инвестициите од странски компании како „Лидл“ се можност за ревитализација на градот.
Поради судир на интереси, измената на ДУП-от вчера се гласаше по вторпат, бидејќи на минатата седница гласаше и Дарко Митевски, кој е координатор на советничката група на ЗНАМ, а е брат на иницијаторот за измените – кумот на Димитриевски.
Советниците од опозицијата тогаш им укажаа дека има судир на интереси, но власта не попушти и ја донесе одлуката тврдејќи го спротивното.
Општина Куманово во 2023 година му продаде на „Лидл“ државно земјиште во индустриската зона Речица за 5,5 милиони евра и веќе се гради дистрибутивен центар.