(Видео) ТВ 24- Има ли генералниот секретар на Влада бугарско државјанство и бизнис во Бугарија?

Прв пат слушам за такво нешто. “ – Ова е ставот на премиерот Мицкоски за прозивките од бугарската „Фондација Македонија“ дека генералниот секретар Јанушев поседувал бугарско државјанство и фирми во Бугарија.
Според Мицкоски, станува збор за шпекулации и конструкции, за кои вели дека не сака да ги коментира – наместо тоа, порача, дека треба да се најде начин за решение на спорот.
Христијан Мицкоски премиер : Прв пат слушам за такво нешто. Инаку фондации и секакви глупости по нивните портали, ќе прочитате за сите нас. Сега ние, не може за секоја глупост нивна да ја коментираме. Дајте да зборуваме за конструктивни работи . Да најдеме начин како да го решиме прашањето. За глупости, измислици и пишувања на нивни портали, сега ние да се занимаваме со тоа, немаме намера.
Телевизија 24 се обиде да стапи во контакт со генералниот секретар на владата Игор Јанушев, но тој не одговори.
Вчера на социјалните мрежи осамна објава на бугарската фондација Македонија (чиј претседател е персона нон грата во земјава), дека Јанушев поседува фирма во Ќустендил со како што пишува – годишен промет од 320 илјади евра. Најавија и тн „национална карта’ на бизнисите во Бугарија.
„Фондација Македонија“ бугарска невладина организација : Игор Јанушев – генерален секретар на владата на Мицкоски. Бугарски државјанин. Прогласен за Бугарин по нација и етничка припадност. Со фирма во Ќустендил за транспортни услуги – „ФЛУГБАН ТРАНС“ . Компанијата пријавува годишен промет од околу 320.000 евра и нето добивка помала од 10.000 евра – незначителен, во однос на прометот. За неколку дена очекувајте Национална карта на бизнисот на Мицкоски во Бугарија.
Оставка од Јанушев бара опозицијата. Меѓународниот секретар на СДСМ Жерновски, на социјалните мрежи тврди дека повеќе од една година поставува прашања за евентуално бугарско државјанство на Јанушев, но дека од Владата нема одговор.
Андреј Жерновски меѓународен секретар на СДСМ : Повеќе од година дена јавно го поставувам прашањето дали Игор Јанушев, генералниот секретар на владата на Мицкоски, е бугарски државјанин! Досега не добив одговор ниту од него, ниту од премиерот, ниту од нивната портпаролка, ниту од нивните новинари. Ако, пак, веста е вистинита, првиот чекор е оставка веднаш! Чекаме одговор!
Според експертите, во случај на двојно државјанство, можни се и обврски кон бугарската држава. Тие предупредуваат и дека, доколку Бугарија воведе задолжителна воена служба, таа би можела да се однесува и на лица со бугарско државјанство, вклучително и од Македонија.






