Има ли крај

Има ли крај на крајот од краиштата…? Бескрајно никнуваат како опашки од влечуги. Се влечат и влечкаат, заборавиле исправено да зачекорат. Еден крај само повлекува бескрајни тегоби. Тажно и тегобно е чувството на казнет граѓанин, од саканата татковина во која што бескрајно вложувал. На крајот од сите краишта никогаш не сум престанал да давам, подарувам и помагам. Мојата великодушност е аргументирана.

Поминав три работни децении надвор од Македонија. Работев во Австрија, Полска, Швајцарија, Русија, Украина, Чешка и Словачка. Во ниту една од овие земји немам никаков нерешен спор или пак, не дај Боже, отворен судски процес.

Мојата татковина ми удри шлаканица, за мене од сѐ уште неразбирливи причини.

Убеден сум дека на крајот на краиштата ќе успеам да ја докажам правдата, да ги изнесам сите учесници во овој грозоморен чин пред лицето на правдата. Продолжувам да се борам затоа што немам вина и ќе барам обештетување од институциите во државата кои се соучесници на овој чин.

Правдата сакам да ја најдам и задоволам во мојата татковина. Ако не успеам, употребувајќи ги сите инструменти на државата и државниот апарат, правдата ќе ја барам надвор од Македонија.

Целиот свој живот го посветив градејќи си чист образ, и пред поединците и пред системот на државите каде што сум работел и живеел.

Почитувани читатели, во денешната колумна, посветена на Еуростандард банка, ќе се осврнам на (не) функционалноста на системот во нашата држава.

Изминаа полни 4 години од стечајот на Еуростандард банка, но мојата тегобност за нанесената неправда и потреба да ја докажам, не поминува. Сѐ поголема е мојата кристално јасна цел, да докажам пред системот и јавноста дека Еуростандард банка беше однесена во стечај по наредба на одредени групи, видни стопанственици во банкарскиот сектор.

Егзекуторот на Народна банка на чело со Гувернерот Бежоска, едноставно е само егзекутор. Убеден сум дека денес, после полни 4 години од стечајот на Еуростандард банка, и челниците на Народна банка се свесни дека направиле злодело.

Целиот систем на бившата извршна власт, предводена од СДСМ и ДУИ, беше ставена во функција на реализација на овој злостор, почнувајќи од Техничкиот Премиер, Оливер Арсовски, кој за време на пандемијата Ковид-19, носи две уредби со сила на закон, во основа контрадикторни.

Поточно, со уредба објавена во Службен весник на 24.02.2020 година, се забранува носење на правен субјект во стечај минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба.

Со иста ваква уредба со сила на закон, овој пат објавена на 29.05.2020 година, претходната уредба се поништи и се дозволи стечај на правни лица веднаш по вонредната состојба.

Единствен правен субјект, кој што отиде во стечај веднаш после вонредната состојба, е Еуростандард банка.

Техничката Влада, со уредби со сила на закон, забрани за време на вонредната состојба да се извршуваат присилни наплати на доспеаните побарувања од страна на Еуростандард банка.

Како може да опстане една банка, кога цела година наназад ѝ е одземено правото да работи со правни и физички лица, а дополнително цели 97 дена не смее да врши присилна наплата?!

При вакви услови и нашата семејна докапитализација од 13,5 милиони евра во Еуростандард банка, која беше реализирана на само 6 месеци пред стечајот на банката, не беа доволни банката да преживее.

Веселата математика, од страна на Народна банка за адекватност на капиталот, е вистинскиот сегмент каде се чувствува гнилежот во одлуката да се однесе Еуростандард банка во стечај.

Основното Јавно обвинителство беше и сѐ уште е само една алка во синџирот за казнување на моето семејство, од за мене сѐ уште неразбирливи причини.

Полни 50 месеци неуморно пишувам секоја недела, со факти кои аргументираат дека банката е однесена во стечај со умисла. Основното Јавно обвинителство наместо да покрене истрага за мене и моето семејство, требаше да отвори истрага во Народна банка и да ги бара причините за ваквиот чин.

Денес е евидентно дека банката имала капацитет да опстои, бидејќи нема ниту еден правен или физички субјект , клиент на банката, кој е оштетен.

Јас ја плаќам цената на криминогените структури во банкарскиот сектор, кои што преку ноќ станаа силни носители и акционери во банкарскиот сектор, притоа не вложувајќи сопствени средства, туку богатење со туѓи, украдени финансиски средства.

Верувам и сакам да верувам во новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата ВРЕДИ, дека навистина сериозно ќе ка отпочнат вистинска борба против организираниот криминал и корупција во земјата.

П.С.Ќе ми дозволите на крај да ја напишам приказната, која што ја имам слушната во Украина, за светецот Св.Трифун чие име го носам.

Трифун бил селанец кој одгледувал гуски. Имал во себе вградено моќ да исцелува, па така кога се разболела ќерката на царот бил повикан да ја излечи. Гускарот Трифун оди во царскиот двор, ја лекува принцезата и добива огромно богатство од царот. Враќајќи се, попатно кон своето село во денешна Украина, го споделувал богатството со обичните луѓе кои имале свои маки и животни проблеми. Великодушниот исцелител се враќа во селото кај своите гуски без подареното богатство. Така и го завршува животот, без богатство, покрај гуските.

Во многу нешта си наоѓам сличности, во хуманата димензија на овој исцелител, гускар, Св. Трифун. Разликата е само таа што тој не бил ограбен од своите сонародници, туку своеволно го дарувал богатството. Јас сум ограбен во мојата држава, институциите на системот се соучесници кои не ја видоа мојата великодушност. Или не сакаат да ја видат.

Продолжувам со мојата борба до крајот на сите краишта.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close