Има ли крај на молкот

Почитувани читатели, во денешнава колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе посветам внимание на државниот молк од институциите кои во основа треба да го бранат интересот на моите сограѓани и на мене.

Деновиве во Македонија се избра нова Техничка влада која во месеците април и мај треба да ги организира престојните парламентарни и претседателски избори.

Голготата со стечајот на Еуростандард банка започна токму пред 4 години, кога исто така беше формирана Техничка влада.

Желбата на гувернерот на Народна банка, г-ѓа Бежоска, Еуростандард банка да ја носи во стечај, беше донесена минимум една година пред да се случи.

За да ја оствари својата перфидна цел, за која сум убеден дека има нарачатели, госпоѓата Бежоска мораше да подготви бројки за отсликување на неликвидноста и незадоволувачката капитална поврзаност во банката.

Народна банка, речиси година наназад ѝ го одзема правото на работа на Еуростандард банка со правни и физички лица.

Бевме присилени како семејство да ја докапитализираме банката за нови 13 милиони евра, во периодот кога стапи на сила тогашната Техничка влада, само 6 месеци пред објавувањето на стечајот.

Техничката влада дополнително ни забрани да вршиме присилна наплата на доспеаните побарувања, поради пандемијата Ковид-19. Овој факт сам за себе говори дека банката била ставена на одстрел, бидејќи со одземена лиценца за работа со правни и физички лица и згора на тоа забрана за присилна наплата, повеќе од јасно е дека кредитното портфолио ќе се влошува, а со тоа, согласно веселата математика на Народна банка, ќе се доведе банката во стечај. Денес стечајната маса на собраните финансиски средства ги покрива сите обврски кон правните и физички лица, коминтенти на банката. Се појавува маса на пари како вишок и јавноста мора да знае дека сѐ уште има многу пари за собирање во стечајната маса .

Од кој аспект да се погледне не може да се разбере поводот за ваков грозоморен чин. Ниските страсти на поединци и групи кои ги контролираат институциите на системот, првенствено Народна банка, стануваат приоритети во нашето општество и секојдневие.

Јас како поединец и натаму сум под истражана постапка во ОЈО, која одамна требаше да биде завршена, поради наводно мое соучество во злоупотреба за носење на Еуростандард банка во стечај.

Почитувани читатели, ниту во сон не сум можел да очекувам дека ова ќе ми се случи мене, во мојата сакана Македонија. Дека ќе ми се случи од моите сограѓани кон кои секогаш сум негувал почит и љубов. Имотот ми е замрзнат веќе полни 3 години, без можност да го користам или стопанисувам. Креаторите на овој чин околу стечајот на Еуростандард банка ми нанесоа двојно поголема штета отколку што беше капиталот во банката. Сакаа да ме замолчат, сечејќи ми ги сите извори на приходи во мојот живот.

Бидете убедени, оваа порака најмногу ја упатувам кон главниот креатор, да му дадам до знаење дека во мене нема кршлив материјал. Се молам на Господ, да дојде решителна влада која ќе се осмели и одважи вистински да се справи со организираниот криминал и корупција, што во основа значи, институциите на државата да се ставааат во интерес на поединецот и граѓаните.

Сакам да верувам дека безумието кое трае веќе 4 години ќе биде минато. Сторителите на злосторот треба да се соочат со казни, а општеството да се раздолжи на сите засегнати, кон мене и моето семејство.

Знам како сум печалел, знам како да се бранам. Алатки за одбрана има многу.

Инсистирам на цивилизирано расчистување на овој подмолен чин.

Не сакам гневот да надвладее над мене.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close