Има ли надеж?

Во денешнава колумна, посветена на Еуростандард банка, моето внимание ќе биде насочено кон изборните кампањи за претстојните претседателски и парламентарни избори. Вообичаено, во демократскиот свет па и кај нас, изборите треба да дадат нов, свеж ветер во нашата реалност.

Нема еден од учесниците на претседателските и парламентарни избори да не ја повторува реченицата „борба против криминалот и корупција”. За жал кај нас и криминалот и корупцијата се длабоко влезени во сите пори на општеството па так лесно се користат и во вокабуларот, како ,,добро утро” или ,,добар ден”

Ваквите флоскули беа реалност и во минатиот период, меѓутоа никогаш не дочекавме од зборови да се премине на дела. Напротив, дозволивме криминалот и корупцијата уште подлабоко да се имплементираат и во нашите животи.

Жално е што сите партии од власт и опозиција упатуваат на фактот дека во Македонија владеат корупцијата и криминалот. Уште пожално е што ништо не решаваат.

Како можам да им верувам на партиите од власта, дека утре, доколку гласам за нив, тие ќе се борат против тоа што самите го создале.?!

Жално е што најголемата опозициска партија носи белег врз своето владеење, дека во некои минати времиња и тие ги практикувале криминалот и корупцијата како стил на живеење и владеење во државата.

Дали кадровските промени во опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат фундаментални промени во нивното ново владеење со државата, пред сѐ мислам на борбата против криминалот и корупцијата? Сакам да верувам дека така ќе биде, иако немам аргументи во раце за да верувам во тоа.

Од владеењето на СДСМ со Заев и Ковачевски јас ги добив најсилните удари. Очигледно не сум единствениот кој настрадал од владеењето на СДСМ.

Политички, оваа некогаш моќна партија, стана приврзок на албанската партија ДУИ и уште посилен приврзок на сивата еминенција, која денес владее во севкупниот стопански живот на Република Македонија.

Жално е што на луѓе како Заев и Ковачевски им дозволивме да ја креираат нашата иднина.

Повеќе од јасно е дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПНЕ ќе биде носител на новата влада која ќе се формира дури после 8 мај.

Суштинско прашање кое се поставува пред мене, а верувам и многумина како мене е, дали во борбата против организираниот криминал и корупција ќе се помине од зборови на дела.

Новата Влада ќе се соочи со сериозен предизвик кој ќе бара професионалност , искуство, посветеност и храброст.

Надежта велат дека последна умира. Верувајте ми сакам да верувам дека еден ден во Македонија правдата ќе излезе на виделина.

Не можам да гарантирам, ама посакувам интересот на идната влада да биде заеднички со интересот на граѓаните. Само таква симбиоза помеѓу власта и граѓаните може да донесе светлина во нашиот реален живот.

Институциите на системот мора да ги вратиме да работат во интерес на граѓаните, а не во интерес на поединци и групи, блиски или во симбиоза со партиите на власт.

Речиси 4 години осуден сум од мојата сакана држава да живеам од воздух и вода. Имам замрзнат имот кој не смеам да го отуѓувам или стопанисувам. Тешко ми е да го разберам поривот за убивање сопствени чеда кои си ја сакаат својата татковина, својот народ и сограѓаните. Се прашувам до кога недолжниот, невин и праведен човек ќе биде синоним на прогон во нашата држава.

Јас продолжувам со мојата борба до конечна победа!

Трифун Костовски

Back to top button
Close