Има ли решение за хаосот во Македонија

Трифун Костовски

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, болна тема за која пишувам скоро 62 месеци, ќе дадам лична перцепција за животот во нашата сакана татковина, Македонија.

Животот на секој поединец кој заработува чесно за својот живот, трудејќи се да изгради систем и за себе и за целото општество, финансиски е на отстрел, на маргините на основна егзистенција.

Какво наследство оставаме на генерациите кои доаѓаат после нас? Оставаме хаос во сите општествени сфери од животот.

Полни 5 години ја барам правдата низ државните институции. Институциите се заробени, а политичките субјекти незаинтересирани. Проблемите се евидентно сѐ повидливи и подлабоки. Не можам да разберам како нашите политичари, поставени на врвни функции, се однесуваат така лаконски неодговорно и незаинтересирано, почнувајќи од првиот човек на владата, првиот човек на Народна банка и првите луѓе во Јавното обвинителство, како да се работи за туѓи проблеми.

Кај сите нив, горе споменатите одговорни функционери, со години чукам на врата за прием. Сосема оправдан и човечки е мојот порив да разберам која е причината за моето уништување во саканата Македонија.

Од ниту една институција од нивните кабинети не добив ниту еден одговор зошто не можам да бидам примен на разговор. Зошто сум третиран како „persona non grata”.

Денес, речиси 62 месеци од носењето на Еуростандард банка во стечај, клиентите на банката како правни и физички лица се 100% обештетени. Во стечајната маса сѐ уште се собираат средства за коишто не знам под какви услови ќе бидат распределени или во случајов, ограбени.

Случајот со мојата банка е реткост во светскиот банкарски систем. Однесена е во стечај поради нечија желба!

Институциите кои стојат зад овој грозоморен чин и натаму се недопирливи.

Бившата Гувернерка Бежоска си замина од функцијата со прекрасно, неизвалкано CV. Убеден сум дека ќе се вгнезди во некоја од светските финансиски институции како успешен гувернер. Главните нарачатели на овој стечај и денес мирно спијат, ушушкани во Комерцијална банка.

И јас и јавноста сме свесни дека стечајот на Еуростандард банка беше нарачан од поединци веќе етаблирани во сивата еминенција на нашиот секојдневен живот.

Политичките партии од македонскиот блок се комплетно заробени од оваа силна банка затоа што имаат сериозни финансиски проблеми. Човекот кому се поклонуваат на „баци рака” и понатаму е неприкосновен владетел на Македонија.

Стечајот на Еуростандард банка беше во време на владеењето на Социјалдемократскиот сојуз.

Очекував, од новоизбраниот претседател на Македонија, професорката Сиљановска и новоизбраниот премиер на Македонија, проф. Мицковски, сериозен ангажман и силна поддршка не само за мојот случај, туку за севкупниот криминал во Република Македонија.

Изминаа 18 месеци од нивното доаѓање на нивните позиции. Резултатот од најавената борба против организираниот криминал и корупција е на нула. Заклучокот е обесхрабрувачки дрзок, дека за македонските политички партии кои се носители на сите влади од осамостојувањето на Македонија, хаосот е синоним за нивното вечно владеење.

Уништено ни се фундаментите, образованието и здравството. Во институциите на системот владее корупцијата од најниско до највисоко ниво. Ништо не е така добро организирано освен криминалот. Организираниот криминал и понатаму дивее во Македонија. На врвните позиции во сите институции имаме поединци кои се длабоко навлезени во зоната на криминалот. Затоа и опстојува, по систем ,,кадија те тужи, кадијата те суди”.

Во предвечерјето на локалните избори, ние граѓаните сме бомбардирани од лажни ветувања на партиските кандидати за градоначалници и советници. Станува збор за бомбастичен пи-ар кој чини многу пари.

За независните кандидати на овие избори јавноста не знае ништо. Истите немаат вештини ниту моќ да допрат до нас и да ни ги пренесат своите искуства и знаења. Повторно ќе се случи изборот да падне на партиски кандидат кој првенствено ги штити интересите на сопствената партија. Граѓаните од чии гласови го добиле тој мандат ќе се ставаат на второ место.

Хаосот владее во Македонија. Во вакви хаотични времиња, организираниот криминал и корупција оро водат.

Сите учесници во стечајот на Еуростандард банка ќе ги изведам пред суд!

Ја продолжувам мојата борба. Верувам дека еден ден ќе се случи национално будење, кога наште политичари ќе мора да работат во интерес на нас граѓаните и државата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close