„Има нешто што е поважно од функцијата“, му порача Рамадани на Мицкоски
Хаким Рамадани / Фото: Фејсбук
Кандидатот за градоначалник на Брвеница од Вреди, Хаќим Рамадани, кој повика Албанците во вториот изборен круг да гласаат здружено и заедно со луѓе од ДУИ агитира во странство помеѓу иселениците, на премиерот Христијан Мицкоски му одговори дека има нешто што му е побитно од јавната функција.
„Честа, моралот и достоинството вредат повеќе од која било јавна функција. Работев 17 години во Општина Брвеница – мултиетничка општина, каде што живеат и работат граѓани од сите заедници. Сите што ме познаваат знаат кој сум и каков човек сум. Не ме интересира што велат порталите за кликови и провокации, особено Инфомакс, кој ја започна оваа провокација за пресметки во други општини. Важно е да бидете искрени со себе, бидејќи начинот на кој медиумите го пренесуваат тоа е нешто друго. Нема да ја дадам мојата општина за никаква цена, ќе го заштитам секој жител на мојата општина, без разлика дали е Албанец, Македонец или друг народ што живее во општина Брвеница, напиша Рамадани на Фејсбук.
Мицкоски вчера рече дека Рамадани прво ќе ги изгуби изборите во Брвеница, па ќе биде разрешен од позицијата директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа. Тој ја оцени како голема грешка, пред сѐ за кандидатите за градоначалници од Вреди, изјавата на Рамадани за етничко гласање.






