„Има таков народ“ не побарал поддршка од Движењето за права и слободи за идната бугарска Влада

Лидерот на Движењето за права и слободи ( ДПС), Мустафа Карадаи, по средбата во Националното собрание си претставниците на победничката партија на изборите во Бугарија искоментира дека повеќе од нивните идеи се совпаѓаат  со оние на партијата „Има таков народ“, иако имаат и разлики.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ДПС нема да и даде безусловна поддршка на владата на „Има таков народ“. За ДПС неотповиклив услов е: враќање на нормалноста во политиката и демократијата, што значи дека парламентот се враќа на своето место според Уставот на Бугарија, како и создавањето добра бизнис клима во земјата.

Според лидерот на ДПС, важен е персоналниот состав на идната бугарска Влада, иако Движењето, додаде тој, не сака да номинира министри.

Од своја страна, претседателот на парламентарната група на „Има таков народ“ Тошко Јорданов, по средбата коментираше дека двете партии разговарале за приоритетите и дека не побарале поддршка за идната влада. Јорданов коментира дека владата е важна, додавајќи дека ова е одговорност на „Има таков народ“ и дека нема да бараат совети од никого.

-Не побаравме поддршка од ДПС, рече Јорданов, и додаде дека тие им понудиле луѓе.

Back to top button
Close