Имало Господ и за нашата Црква!

Црковно-религиските аспекти на решението на Вселенската Патријаршија канонски да ја признае Охридската Архиепископија претставуваат одредено разрешување на вековните контроверзии на зачмаените, здодевни, назадни православни политикантски верски расправии за тоа кој од кога постои како народ, кој што бил пред петстотини и илјада години, кому му е јазикот постар, кому му е темјанот позастоен, а брадата подолга. Во тие кругови, вообичаено, „меѓуцрковните“ запирки и точки се менуваат еднаш на сто-двесте години, бидејќи времето се мери во векови и милениуми, а само возните паркови, мобилните телефони и рачните часовници се од најновите модели.

Првичните реакции на „братските“ православни кругови на оваа одлука на Цариград се предвидливи и се движат од медиумските коментари дека е тоа „забивање нож в грбот“ на Бугарската Православна Црква, преку ставот на Руската Православна Црква дека за неа во Македонија постои само Српската Православна Црква, до грчката проценка дека се работи за „шах-мат“ на Вселенскиот Патријарх за српско-руските планови на Балканот, но и загадочниот првичен официјален молк имено на СПЦ по повод настанот – што е необично позитивен знак кога е СПЦ во прашање! Треба да се очекува дека и сите што сега молчат ќе си го кажат наскоро своето. Бидејќи, ако и кога ќе дојде прашањето за евентуалното официјализирање на црковниот томос – име, статус, јурисдикција и сл. – за автокефалноста на МПЦ-ОА, веројатно ќе излезат проблеми на виделина што сега и не мора да се очигледни.

Она што е позначајно за нашата поширока општествена заедница се современите домашни и геополитички реперкусии од ваквата одлука на Цариград. Тие доаѓаат во време на (повторно) „натегната“ внатрешно-политичка атмосфера во Македонија помеѓу власта и опозицијата, во услови на општопроширен цинизам кон државата, воопшто, и кон политиката, како таква. Контекстот е оптоварен и со актуелната вжештена руско-западна европска и глобална конфронтација, во која значаен дел од македонската јавност си ја држи страната на ужасната воена агресија на Путин во Украина, без оглед на ставовите на Русија за Македонија и за овдешната Црква.

А, да ја скратиме приказната, ова канонско признание на Охридската Архиепископија доаѓа и како директен резултат на повеќегодишните американски напори за стабилизација и просперитет на современата македонска држава. Познато е дека неколку години наназад високи американски дипломати, во повеќе јавни, а веројатно и подискретни наврати, одржуваа долги средби со Патријархот Вартоломеј во седиштето на Вселенската Патријаршија, од чии официјални соопштенија може да се заклучи дека е водена „долга дискусија на разни теми од заеднички интерес“. Сега е јасно – а и тогаш можеше да се насети – дека една од „темите“, повеќе од веројатно, била и оваа одлука на Вселенската Патријаршија.

Тоа, барем што се однесува до Македонија, ја „бетонира“ американската улога во развојот на регионалните прашања на Балканот, во што спаѓа и долгогодишното македонско-американско стратегиско партнерство, клучната асистенција на Вашингтон за постигнување на Преспанскиот договор, за влез на Македонија во НАТО, но и за тековното деблокирање на македонските интеграции во ЕУ – впрочем, додека ова се пишува, бугарскиот премиер Петков е сѐ уште во Вашингтон на разговори со своите американски колеги, меѓу другото, и за бугарските позиции за симнувањето на евро-ветото за Македонија во јуни.

Kолумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close