Имаме соработка со Антикорупациска, но дел од иницијативите што ни ги доставуваат се „празни“ – велат од ОЈО ГОКК
7 ноември 2022 година беше денот кога и формално беше потврдено дека тогашниот обвинител од гостиварското Основно јавно обвинителство, Ислам Абази, е нов шеф на Обвинителството задолжено за гонење на организиран криминал и корупција со надлежност на целата територија на државата. Оттогаш, ако се изземе прес-конференцијата по неговиот избор, Абази ретко можеше да се види во јавноста, а уште помалку или воопшто немаше негови изјави и средби со новинарите.
Шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран кирминал и корупција, Ислам Абази / Фото: „360 степени“
По речиси година и половина тој денеска за новинарите ги отвори вратите на новите простории во кои од неодмна се пресели ова јавно обвинителство, кое досега работните простории ги делеше во истата заграда каде е сместен и Апелацискиот суд Скопје.
Покрај прошетката низ новите простории, за кои кажа дека ги задоволуваат потребите на ОЈО ГОКК, Абази одржа и брифинг со новинарите, во друштво со обвинителите со кои раководи, а беше присутен и новиот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Абази, освен за просториите, заедно со обвинителите реферираа, односно споделија, информации и за постапките што ги отвориле и по кои постапуваат во изминатиот период, а се од интерес на јавноста и за кои доста се пишуваше и говореше.
Така, од своја страна, како дел од предметите отворени откако тој е обвинител, Абази наброја десетина предмети. Беа споменати случаите „Беланоца“ за нарко-бандата од скопски Грчец, потоа „Империја“, „Трансмет“, „Бехтел и Енка “, „Соравија“, „Еуростандард Банка“…
Абази ги спомна и случаите со поранешните генерални секретари на Владата, Драги Рашковски (случај „Софтвери“) Мухамед Зеќири, за кои потсети дека има првостепени пресуди и се наоѓаат во Апелацискиот суд Скопје, каде се одлучува по жалба на странките.
Зградата во која сега се наоѓаат просториите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција / Фото: „360 степени“
Шефот на ОЈО ГОКК информираше и за предмети кои се однесуваат на шверц на мигратни, дрога и оружје. Рече дека дел од нив се реализирани во соработка со колегите од Албанија и Грција со кои формирале заеднички тимови за разоткривање на осомничените и успеале да остварат заплена на поголемо количество дрога и оружје.
Од предметите за кои се интересираа медиумите беше и „Соравија“ за купувањето на трговскиот центар во кој удел има и Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во врска со овој предмет говореше наделжената обвинителка, која кажа дека во моментов тој е во предистражна постапка и поради тоа не може да сподели детали. Но, кажа дека тој е отворен по допрен глас и дека во постапката соработуваат со повеќе институции. Од МВР, како што беше кажано, се вклучени тимови од две едници – за гонење на корупција и за финансиски истраги.
„Иако постапуваат по посебни наредби работат како тим“,рече обвинителката.