Имате избор – да бидете во право или да станете членка на ЕУ, вели црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ

360°: Претседателе Милатовиќ, благодарам за ова интервју. Бевте многу пријателски настроен за време на дводневната посета на Скопје, рековте: „Овде сум како брат во братска земја“. Нема отворени политички прашања меѓу двете земји, но нема ни соодветно ниво на економска соработка. Трговската размена е, како што рековте и самиот, некаде околу 60-ина милиони евра. Рековте да се потрудиме во прво време да ја донесеме барем до 100 милиони евра. Како може тоа да се направи?

Милатовиќ: Пред сè, задоволство ми е што разговараме за овие теми. Како што кажав и на прес-конференцијата со претседателката, јас сум во мојата трета официјална посета на една од земјите од Западен Балкан, по Србија и Босна и Херцеговина. Овде сум во Северна Македонија. Реков дека дојдов како пријател во една пријателска земја и она што е важно е отсуството на отворени прашања, навистина пријателските политички односи кои ги имаме… Јас исклучително ја ценам вашата претседателка, исто така и добрата соработка која ја имаме со владата на вашата земја. Дополнително, да се обидеме заедно да дадеме еден импулс за унапредување на економската соработка. Како некогашен министер за економски развој во владата на Црна Гора и економист по професија, секогаш го ставам фокусот на економската соработка во рамките на моите официјални посети. Рековте и самите дека економската соработка е некои 60 милиони евра, таа е апсолутно под потенцијалот и токму од таа причина имав и еден добар состанок со вашите најголеми стопанственици, дополнително ставајќи го фокусот токму на трговската размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора. Разговарав и со претседателот на владата за воспоставување авиолинија меѓу Северна Македонија и Црна Гора. Мислам дека има простор тоа да се направи и дека тоа би бил еден важен чекор напред кон унапредување на економската соработка и оптимист сум дека тоа може да се случи и во пресрет на оваа туристичка сезона. Вашиот претседател на владата ќе престојува во Црна Гора на почетокот на јуни оваа година и се надевам дека пред неговото доаѓање ќе можеме заедно да донесеме добри вести. Директорот на нашата национална авиокомпанија набрзо ќе дојде овде токму за да се обиде да ја реализира оваа заедничка иницијатива.

Јаков Милатовиќ – претседател на Црна Гора / Фото: „360 степени“

360°: Постојано зборуваме за авионска линија Скопје – Тиват или Охрид – Тиват?

 

Милатовиќ: Знаете како, тоа е помалку важно. Дали ќе биде Скопје – Подгорица, Скопје – Тиват, Охрид – Тиват… Исклучително е важно таа да се воспостави. Денес разговарав и со стопанственици од Македонија кои носат туристи во Црна Гора. Мислам дека туристичките агенции од Македонија би можеле некаде да гарантираат еден дел од патниците кои секако би биле тука во рамките на туристичката сезона и мислам дека тоа навистина би било еден добар поттик. Разговарав со вашите големи компании вклучувајќи ги „Алкалоид“, „Витаминка“, „Тиквеш“, ГИМ и така натаму. Тоа се сè компании кои се веќе присутни во нашата земја и мислам дека постои дополнителен простор за нивни поголеми инвестиции, за дополнително поголема трговска размена меѓу нашите две земји и токму оваа моја официјална посета на вашата земја е на некој начин една политичка порака дека ние тоа го сакаме. Дополнително, досега двете влади имаа една заедничка седница. Денес токму и со вашиот премиер разговарав за можноста да се направи нова заедничка седница на двете влади, Владата на Црна Гора и Владата на Северна Македонија, и мислам дека оваа година и ќе се работи на тоа. Така што, тоа се сè некои опипливи резултати токму од оваа пријателска посета.

360°: Велите дека премиерот Мицкоски ќе дојде во Црна Гора на почетокот на јуни, претпоставувам, за да присуствува на Самитот ЕУ – Западен Балкан. Вие, претседателе Милатовиќ, сте имале 19 години кога во 2005 година Македонија го доби кандидатскиот статус за Европската Унија. Денес, 20 години подоцна, Црна Гора има затворено 14 поглавја од 35 во преговорите за членство, а Северна Македонија го има завршено само скринингот. Имавте шанса да го слушнете ставот на нашиот државно-владин врв во однос на перспективите во европскиот процес. Ставот на премиерот е прилично јасен баш овие денови додека сте вие овде, двапати дава децидна изјава, вели: „Ако треба, ќе чекаме и децении, јас не се поместувам ни милиметар додека не добијам гаранции од Европската Унија“. Како гледате вие на оваа македонска сага со Европската Унија?

Милатовиќ: Мислам дека на Македонија ѝ е направена голема неправда во процесот на европските интеграции. Дека тоа е земја која, како што рековте, одамна го доби статусот на кандидат во 2005 година, дури и пред Црна Гора да ја обнови својата независност. Меѓутоа, често токму билатералните односи меѓу Македонија и соседите на Македонија беа главната пречка на македонскиот пат кон ЕУ. И токму од таа причина јас морам да кажам овде, поради македонските граѓани, нашите пријатели, искрени пријатели, во Црна Гора ние Македонците ги доживуваме како браќа. И ова не е став на претседателот на Црна Гора, ова е став на еден обичен човек во Црна Гора, а тоа е дека на сите ни се чини дека навистина на Македонија ѝ е направена неправда и дека Македонија често, како што реков, беше заробеник на одредени билатерални односи и понекогаш на непотребно големи барања на соседите во опкружувањето. Но, знаете како, светот во кој живееме не е секогаш праведен. Јас мислам дека вие имате една добра претседателка, мислам дека имате една способна влада. Во секој случај македонските граѓани, македонските носители на одлуки најдобро ќе знаат на кој начин да пристапат кон сето ова. Она што јас денес го кажав и излагајќи и говорејќи пред студентите на универзитетот во Скопје заедно со претседателката, мислам дека ќе имате избор дали сакате да бидете во право или сакате да станете членка на Европската Унија. И тоа е изборот што го имате. Црна Гора во таа смисла сега е перципирана и од страна на Европската комисија како најнапреден кандидат од сите десет кандидати. Ние досега затворивме 14 преговарачки поглавја. Пред нас е една амбициозна цел, сметаме дека таа е остварлива, а тоа е Црна Гора да стане 28. земја членка на Европската Унија до 2028 година. И иако најмала меѓу сите земји кандидати, Црна Гора сака со својот пример заедно со партнерите во Европа да испрати една важна порака, а тоа е следното – дека проширувањето е живо, дека тоа се случува, дека не е само во зборовите на европските политичари кои, знаете, често доаѓаат во некоја од нашите земји со големи зборови, а можеби малку дела. И токму мислам дека тој успех на Црна Гора е добра порака за сите во регионот дека проширувањето е живо, дека тоа е можно. Мислам дека по сè она што ѝ се случи, на пример, на Македонија, голем број граѓани тука всушност се сомневаат дека тоа воопшто е можно да се случи. Е, токму во таа смисла примерот на успешното членство на Црна Гора е многу важен не само за Црна Гора, туку за сите земји во соседството.

Од интервјуто со Милатовиќ / Фото: „360 степени“

360°: Веќе самиот рековте, 2028 ја имате поставено како цел, година во којашто Црна Гора ќе стане членка на Европската Унија и сметате дека тоа е остварлива цел. Моето прашање би било – мислите дека ќе можат актуелните земји членки само за Црна Гора да го ратификуваат пристапниот договор или ќе треба да чекате и други земји кандидати да го завршат пристапниот процес, па во група да влегувате во ЕУ?

Милатовиќ: Она што сигурно го следите во процесот на проширување, во моментов знаете дека Исланд ова лето има референдум дали да ги продолжат пристапните преговори. И ми се чини дека доколку граѓаните на Исланд се одлучат да ги продолжат преговорите, а тие мислам дека веќе имаат затворено 11 поглавја, дека едно многу реалистично сценарио би било во 28-та или 29-та година, сега тоа е помалку важно, но сосема сигурно во рамките на мандатот на сегашната Европска комисија, Црна Гора и Исланд да станат идни членки на Европската Унија. Така што мислам дека тоа е реално.

360°: Претседателе, не сум ни прв што ќе ви го постави тоа прашање, реално постојат дилеми, да речеме, околу тоа што ќе се случува во Франција, особено во пресрет на изборите следната година. Вие за сосед ја имате Хрватска, оттаму досега Хрватска не ве блокирала, но оттаму доаѓаат некакви сигнали дека можеби ќе има одредени барања во пристапниот процес. Има таков тип стравување кај вас?

Милатовиќ: Знаете како, не е Македонија единствената земја што има одредени билатерални проблеми во овој процес. Рековте дека Црна Гора има и одредени отворени прашања со Хрватска, која е сегашна членка и која во тој однос, во однос на Црна Гора, има поголем „leverage“ (влијание), поголема моќ во контекст на некој преговарачки процес. Хрватска, за жал, веќе блокираше едно преговарачко поглавје, кое во техничка смисла беше подготвено да се затвори, но во политичка смисла Хрватска не крена рака за тоа. Така што се надеваме дека во овој период пред нас ќе бидеме во состојба заедно со хрватските партнери да решиме некои отворени прашања. Мислам дека членството на Црна Гора би било и во хрватски интерес, за на тој начин дополнително да се зајакне стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан. Но многу е важно сите да сфатиме, покрај техничкиот дел од процесот, кој се однесува на едноставно преземање на некоја правна норматива на Европската Унија и преземање на таа правна норматива во нашите правни системи, постои и политички дел од овој процес, а тоа е дека на крајот секоја земја членка од тие 27 мора да крене рака за членство на некоја од новите членки. Во таа смисла ние секако најмногу треба да работиме на односот со Хрватска, вие веројатно со некои други земји. Постојат и овие големи земји во рамките на Европската Унија, ја споменавте Франција, кои некогаш знаат да ги променат правилата на игра. Знаете, и Црна Гора мораше да ја прифати новата методологија што ја предложи токму Франција. Франција исто така има избори следната година. Во секој случај, мораме сите заедно да работиме на пораките што ги испраќаме кон тие земји. Јас, на пример, многу често престојувам во Париз, разговарам не само со претседателот туку и со парламентот, со сите пратенички групи во францускиот парламент, обидувајќи се едноставно на некои потенцијални отворени прашања што тие ги имаат, и на кои имаат право, во еден директен разговор да им одговориме.

Од интервјуто со Милатовиќ / Фото: „360 степени“

360°: Да, а ќе ви требаат најмалку три петтини во нивниот конгрес за ратификација на договорот. Ме интересира што мислите за колумната која заеднички во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ја објавија српскиот претседател Вучиќ и албанскиот премиер Рама, во којашто побараа брз влез во заедничкиот европски пазар, во Шенген, за сметка на немање право на вето, немање комесар, немање европратеници. Што мислите вие за тој пристап?

Милатовиќ: Тоа е секако нивно право. Она што јас можам да ви го кажам е дека процесот на пристапување на Црна Гора во Европската Унија е целосно традиционален. Значи, ние во моментов разговараме со Европската Унија за полноправно членство на истиот оној начин на кој тоа членство се случувало во сите претходни случаи. Тоа е нашиот фокус.

360°: Се поставува ли прашањето за немање, губење одредени права што ги имаат сегашните членки на некои од тие разговори што ги имате?

Милатовиќ: Тоа во моментов не е дел од разговорите. Значи, што се однесува до Европската комисија во однос на Црна Гора, повторувам, процесот на пристапните преговори се води на истиот начин на кој се водеше досега. Така што тоа е „off the table“ (надвор од масата), што би рекле Англичаните, кога е во прашање Црна Гора. Барем засега.

360°: Дали вие сте подготвени да се откажете од нешто, ако дојде на маса?

Милатовиќ: Па, јас не би коментирал што би било кога би било. Засега, повторувам, дека кон ова пристапуваме на оној начин на кој членството се случувало и досега – за Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, за балтичките земји и така натаму. Така што, тоа е она за што Црна Гора во моментов разговара со Европската Унија.

360°: Колку овој процес на пристапување вистински, суштински ја реформира Црна Гора? Дел од граѓанското општество понекогаш забележува на тоа дека дел од промените се формални, а не суштински.

Милатовиќ: Јас мислам дека процесот на европските интеграции е едно силно сидро, таканаречен „road map“ (патоказ) на реформската агенда која секоја од земјите кандидати треба да ја искористи за едноставно да станат општества кои се демократски поразвиени, кои се институционално постабилни и кои се економски поразвиени. Јас, инаку, сум поборник и во Црна Гора, во контекст на нашата внатрешна политика, токму да имаме ваков пристап – навистина суштински да ги спроведуваме реформите што се бараат од нас. Тоа да не бидат само оние формални штиклирања, туку на крајот да не го правиме тоа поради некоја европска бирократија, туку поради нашите граѓани и поради нивниот подобар живот. И ова е суштински еден дар од небото кој го имаме и ние и сите останати земји кандидати за да спроведеме суштински реформи.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close